Седум земји од ЕУ бараат да не се отстапува од планот за замрзнатиот руски имот

Седум земји од Европската Унија денеска упатија соопштение до високите функционери на ЕУ во кое образложуваат зошто, според нив, Унијата треба да продолжи со планот за искористување на замрзнатиот руски имот за заем за Украина.

Во писмото упатено до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Полска, Шведска, Литванија, Естонија, Финска, Ирска и Летонија наведуваат зошто сметаат дека ЕУ треба да остане на својот став, пренесе фламанската телевизија ВРТ.

„Тоа е финансиски најизводливо и политички најреално решение“, се наведува во писмото упатено до високите функционери на ЕУ, во пресрет на претстојните самити.

Како што се посочува, притисокот на балтичките и источноевропските држави врз Белгија расте, за таа земја да се согласи на користење на замрзнатиот руски имот, додека Белгија се противи на планот бидејќи стравува дека нема доволно гаранции од другите земји членки на ЕУ дека какви било финансиски последици ќе бидат праведно распределени.

„Силно го поддржуваме предлогот на Комисијата. Немаме време за губење. Со донесување одлука за заем за репарации на Европскиот совет во декември (18 декември), имаме можност да ја ставиме Украина во посилна позиција да се брани и да преговара за праведен и траен мир“, се наведува во заедничкото соопштение на седумте земји на ЕУ.

Се додава дека писмото не се однесува директно на белгискиот премиер Барт Де Вевер, кој и натаму одлучно се противи на планот.

Back to top button
Close