Сега е вистинско време за „Обновата на екосистемите“, порача МЖСПП по повод Меѓународниот ден на животната средина

– Меѓународниот ден на животната средина – 5 јуни е причина да се се радуваме на нашата здрава животна средина, но и да се потсетиме дека секој од нас има своја улога во нејзиното зачувување, порача денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во соопштението се наведува дека денеска почнува Декадата на Обединетите Нации на тема „Обновување на екосистемите“.

Според Програмата на ОН за животна средина (УНЕП), обновата на екосистемите и изнаоѓањето на природни решенија може да помогне глобалното затоплување да биде под 2C до 2030 година, притоа помагајќи им на економиите и општествата да се адаптираат на климатските промени.

Истовремено, со обновата на природните површини може да се спаси опстанокот на видовите и до 60 отсто. Обновата на екосистемите придонесува исполнување на сите 17 Глобални цели за одржлив развој вклучувајќи ги и целите за намалувањето на сиромаштијата и гладот.

-Како Министерството за животна средина и просторно планирање работиме на прогласување на нови заштитени подрачја, зајакнување на еколошките стандарди и носење на храбри заложби за намалување на климатските промени. Сепак сметам дека потребни ни се заеднички напори не само од владите туку и од компаниите и граѓаните за да станеме генерацијата што ќе склучи мир со природата. Преку користење на транспорт што не му штети на воздухот и избегнување на амбалажа за една употреба, ние можеме да станеме дел од решението, порача министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, по повод Меѓународниот ден на животната средина.

Според податоците на УНЕП, деградацијата на екосистемите веќе негативно влијае на речиси 3,2 миијарди луѓе, односно на 40 отсто од светската популација (IPBES, 2018), а секоја година светот има загуба од 10 милиони хектари шума, површина со големина на Република Кореа (FAO and UNEP, 2020).

Ерозијата на почва во глобални рамки нанесува штети од 6 трилиони долари годишно (Sutton et al., 2016). Денес имаме 30 отсто помалку природна питка вода во споредба со 1970 година.

-Доколку сакате да ја поддржите декадата на ОН „Обновување на екосистемите“, покажете на кој начин се грижите за животната средина и користете го хаштагот #GenerationRestorationand #WorldEnvironmentDay, се вели во соопштението.

Back to top button
Close