„Секој наш чекор во планината е мал знак дека не се заборавени“: 1000 планинари на маршот на Пониква во чест на Ивона и 63 ангели
Повеќе од 1.000 планинари од Македонија и од Србија чекореа на првиот Меморијален планинарски марш на Пониква под наслов „Ивона Антова и 63 ангели“ во чест на Ивона Антова, планинарка која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани пред точно една година.

Нејзиниот татко и клубот Осогово од Кочани го организираа првиот марш на Пониква до врвот Панаѓур (1669 мнв) во чест на Ивона и останатите жртви од големата трагедија од која целиот град и македонското општество не можат да се опорават.
Ивона била дете кое припаѓало на врвовите и имало планина во срцето. На нејзина 12-годишна возраст го искачила својот прв врв – Царев Врв. Потоа следеле Руен, Мусала, Кораб, Титов Врв, Љуботен…
„Планината има една чудна мудрост, знае дека секој искачувач носи товар. Некој носи ранец, некој носи мисли, некој тишина во срцето. Затоа и денес ќе чекориме, секој чекор кој ќе го направиме е мал знак дека тие не се заборавени.
…






