Села бара оставка од Филков: Правосудниот испит да се одржи на албански

Алијансата за Албанците на Зијадин Села вели дека се потребни конкретни чекори и политичка одговорност за, како што велат, прекршувањата на правата на Албанците.
„Премиерот Христијан Мицкоски денес потврди два неоспорни факти што многу негови подредени се обидоа да ги негираат или манипулираат.
Младите албански правници имаат право да го полагаат испитот по правосудство на албански јазик, додека за досегашното одбивање и кршењето на ова право, министерот за правда треба да биде разрешен бидејќи ги прекршил и законите и самиот Устав како највисок правен акт во земјата.
Вториот факт што постојано го браневме, верувајќи во нашата посветеност и во правдата, е дека со измените на Законот за употреба на јазиците од 2018 година, што беше услов на АА за Владата во тоа време, албанскиот јазик е службен јазик низ целата земја и на централно ниво“, велат од АА.
Алијансата за Албанците оценува дека само изјавата на премиерот не е доволна за затворање на овие теми, туку се потребни и конкретни акции во корист на граѓаните и спроведување на законите.
„Прво, поединци како што е актуелниот министер за правда и сите други кои отворено заземаа ставови против албанскиот јазик и правата на Албанците треба да се отстранат од институциите и политичката сцена, за да не се повторат вакви случаи во иднина.
Потоа, итно треба да се покрене постапка за измена на сите закони и подзаконски акти кои мора да се усогласат со Законот за употреба на јазиците и Амандманот V од Уставот.
Доколку тоа не се случи, денешната изјава на шефот на Владата може да се оцени само како обид да се однесува како умерен и добар политичар кон Албанците, во време кога Владата и институциите постапуваат спротивно“, велат од АА на Села.






