Селективно паметење

Опасна работа е селективното паметење, особено кај таканаречената академска заедница (кадешто, де факто, нема ама баш ништо академско!), синдром кој станува наш препознатлив белег со тенденција да добие национално-идентитетски карактеристики. Селективното паметење, односно наменската употреба на „краткото паметење” создава поволни услови за повторување на постапките, особено оние погрешните. За секој човек е опасно делувањето на овој синдром, но особено е погубно за одредени професии во кои долгото паметење е од суштинско значење. На пример за историјата, археологијата, историјата на уметноста… Замислете некоја од овие професии да го заборави времето на создавањето на врвните дела (не само) на византиската уметност, на пример на Св.Софија, Нерези, Курбиново, Трескавец, Матејче, Бигорски манастир… но и времето на нивното пропаѓање и девастирање. Да заборави дека манастирската црква во Матејче континуирано се девастира од 2001 година, дека конаците на Бигорски изгореа во 2010 година, Трескавец во 2013година, итн.! Дека во истата година изгореа и вредните мурали на Борко Лазески во Поштата, две беговски куќи во Велес, дека беше урната џамијата во Струга, но и куќата на Гани Граждани во Дебар… Замислете претставниците на посочените професии, чиј предмет на проучување и едукација се токму погорепосочените вредности да заборават дека истите се оштетуваат или трајно се губат! А после десетина години, наеднаш – им се враќа паметењето! По нарачка, или… ? Наменски и селективно, како во случајот на госпожата професор, се потсетува дека „во Република Македонија, од друга страна, се чини дека во последните неколку години постои еден сосема спротивен тренд на погоре посочениот екстрасензорен приод кон споменичното наследство, кој, наместо грижа за уметничките дела и археолошките локалитети, настојува да ги ’осамостои’ истите, т.е. ги препушта на сопствената грижа и опстанок”!

Само во последните неколку години? Камо среќа да беше така, тогаш лесно ќе се справиме со последиците! Иако, во принцип, добро е што конечно некој од т.н. универзитетска фела се сети на културното наследство и изрази (божем) грижа за неговата заштита. Но, повторно, и за жал – селективно и наменски! Во посебно време и во посебни услови! И – некако нарачано, нели?! Но би било добро истата таа „фела“ и истата загрижена госпожа да направи напор и да се потсети на времето кога беше направено најголемото уништување на културното наследство и култороцидот со реализацијата на т.н. проект СК 20014. Или како што именуваната милува (демек) да поентира: „чемерот на еден народ кој ги губи врските со сопственото минато” не започна во изминатите неколку години и не само со селективно избраните примери кои функционално ги наведува! Чемерот на овој народ кој ги губи врските со минатото започна во времето на коешто таа, очигледно, се’ уште не може да се сети, времето од цело десетлетие (2006-2017година), со реализацијата (не само) на т.н. проект СК 2014! Само за потсетување: во тоа време токму надлежните институции за заштита на чело со т.н. Управа за заштита на културното наследство директно учествуваа во уништувањето на Охрид, во конвертирањето на архитектонското наследство во центарот на Скопје, прогласија ново културно наследство а ја заборавија Св.Софија и Курбиново… ! А богами и Матејче го имаа заборавено… инаку ќе знаеа дека таму не е погребана царицата Елена. Резултатите од археолошките истражувања извршени во 2003 година не ја потврдија оваа теза! Но, како и да е’, секој со својата „стручност“. Меѓутоа, искажаните ставови и пројавената загриженост на дотичната „професорка“ за културното наследство ќе станат релевантни и кредибилни во оној момент кога ќе се сетат и ќе се покајат за она што не го направиле (а морале) во изминатите тринаесет години односно за она што го направиле, а не смееле, во истиот период. Поточно – за злосторствата што му ги направиле на тоа исто наследство! А направиле многу злосторства, но имале и можност, барем преку членството во Националниот совет за културно наследство, да се извинат. И сега – што? Ние треба да добиеме амнезија а тие да се инсталираат во Курбиново, таа и оној „стручњак“ Велков!? Ма дајте, ве молам, белки во оваа држава остана некој паметен?

Или – човек веќе навистина станува параноичен – во државава сериозно постои некаков план за конечно уништување на најскапоценото културно наследство? Па белки во Министерството за култура, па и во Владата, не ќе „паднат“ на вакви проѕирни фазони и на такви уште попроѕирни луѓе? Или – веќе паднале, како што се шират некои гласови? Сакате да кажете дека сега, денес, овде, после се’, политиката во заштитата ќе ни ја кројат истите оние од времето на криминалецон од Будимпешта? И онакви самопрогласени стручњаци за заштита кои само штета правеле на овој план?

Е сега, дали станува збор за некакво темпирано време за појавата на вакви „стручњаци“ кои ги нудат нивните услуги на оваа власт? Не знам, ама тие се – мечкини услуги, се плашам дека ќе ја изедат оваа власт, а прва на менито ќе биде министерката за култура. Ако ги послуша, се разбира, и ако послуша некои од партијата на власт кои се во чудни недефинирани спреги со овие, а глумат лојалност? Сеедно, нивни проблем, но да не испадне утре дека никој ништо не кажал, никој не предупредил… Зашто, белки на надлежните им текнува дека и Матејче, и Курбиново, и Св. Софија, а и сите други девастирани ремек-дела на средновековното македонско културно наследство беа и вчера тука, беа и завчера, односно тука се цело време и во периодот на стравовладата на Груевски, кога „стручњациве“, сосе професорката на чело – за оној другион ниту сакам да коментирам! – беа главните фаци во заштитата. И сега – што, ги воскреснуваме, демек ние не знаеме а они знаат? Па ако толку знаеа, што правеа цели единаесет години?! Или сега им дојде од задникот до главата? Ама не само ним туку и на некои од оваа власт?! И признавам: јас, но и не само јас, се’ помалку разбираме што и како се случува во културата на оваа држава, од каде, и зошто извира сето ова незнаење и неспособност но и одбивање на доброволна помош, зошто свесно влегуваме во такви историски ризици коишто скапо (ќе) ја чинат оваа држава и нејзиниот народ? Белки ова не е таа грижа за културното наследство којашто постојано ја повторуваа(т) премиерот и министерката за култура? Белки не со овие и вакви луѓе кои некој им ги дошепнува?!

 

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close