Сестрата на Фросина се приклучи на утрешниот марш: Не протестираме против владата, ова е протест на народот
Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина, денеска официјално се приклучи кон иницијативата „Кој е следен?“ како нејзин претставник и гласноговорник за Фросина, вели утрешниот протестен марш е со јасни барања до надлежните институции.
„Денес официјално се приклучив кон иницијативата “Кој е следен” како претставник на целото наше семејство и гласноговорник за Фросина.
Да нема забуни, манипулации и политизирање! Нешто што ние од првиот ден го бараме!
Ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука!
16.30ч пред Универзална Сала.
Симболично тргнуваме од овде. Местото каде што заврши сонот на Фосина. Местото каде што се прели чашата со крв. Местото каде што оваа иницијатива започна. Да и оддадеме почит на Фросина но и на сите жртви на корумпираниот и трул систем.
17.00ч пред Влада ( извршна власт)
Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата.
Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата “Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта туку и од опозицијата!
17.45ч пред Собрание (законодавна власт)
Бараме да се вклучат во промената на законите и Парламентот активно да контролира како тие закони се спроведуваат.
18.30ч пред Апелационен Суд (судска власт)
Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од овде! Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот! Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти!
Ве повикуваме сите да ни се приклучите во оваа борба за подобро утре! Сите сме Фросина!!! Секој еден може да е следен
Се гледаме утре пред Универзална во 16.30!
ПРАВДА ЗА ФРОСИНА“, се вели во соопштението на Росица Кулакова испратено до медиумите.