Северна Кореја го нападна НАТО: Алијансата се подготвува за војна, а не за мир – ограничете го вашето нуклеарно оружје, не нашето

Северна Кореја остро ги осуди Соединетите Американски Држави и нивните сојузници по Самитот на НАТО, обвинувајќи ја Алијансата дека го засилува вооружувањето и ја продлабочува блоковската конфронтација наместо да придонесува за мирот и безбедноста.

Во соопштение на Министерството за надворешни работи, пренесено од државната новинска агенција КЦНА, Пјонгјанг оцени дека НАТО ги претставува легитимните суверени права на Северна Кореја како закана.

„Алијансата покажа уште посилна посветеност на меѓублоковската конфронтација преку зголемени трошоци за вооружување и поблиска воена соработка со сојузниците во азиско-пацифичкиот регион“, соопшти севернокорејското Министерство за надворешни работи.

Реакцијата следува по Самитот на НАТО, на кој беше најавено склучување договори за воени набавки и одбранбена индустрија во вредност од повеќе од 50 милијарди долари. Истовремено, европските сојузници се соочуваат со постојаните барања на американскиот претседател Доналд Трамп да преземат поголем дел од товарот за одбраната на Алијансата.

Пјонгјанг оцени дека Самитот уште еднаш покажал оти НАТО е организација насочена кон војна и конфронтација, која, според Северна Кореја, ги следи исклучиво своите геополитички интереси на штета на мирот и безбедноста во Европа и азиско-пацифичкиот регион.

Во соопштението се наведува и дека Северна Кореја ги отфрла повиците за денуклеаризација, оценувајќи дека таквите барања најпрво треба да бидат насочени кон Јужна Кореја и Јапонија, кои, според Пјонгјанг, се потпираат на американскиот нуклеарен чадор, како и кон земјите членки на НАТО што учествуваат во програмите за споделување нуклеарно оружје.

Северна Кореја порача дека ќе продолжи да ги штити својот суверенитет и безбедносните интереси преку, како што наведува, „одговорно користење на своите суверени права“.

Во меѓувреме, државната агенција КЦНА објави дека Северна Кореја донела одлука дополнително да ги зајакне своите нуклеарни сили и квантитативно и квалитативно, во согласност со насоките на лидерот Ким Јонг Ун, кој повика на понатамошна модернизација на нуклеарниот арсенал, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close