Шахот на Иран повторно во фокусот како нов владетел

Името на Реза Пахлави, син на соборениот ирански шах (шах е еквивалент на крал/владетел според старите традиции на истокот н.з), повторно се појавува во центарот на јавната дебата околу протестите во Иран. Поддржувач на Пахлави и претставник на организација која, како што тврди, работи на негово враќање во Иран, за Би-Би-Си изјавил дека на терен се гледа јасно „собирање“ на дел од демонстрантите околу Пахлави.
Камерон Хансаринија, потпретседател на американската Национална унија за демократија во Иран, во разговор за BBC World Service – Newshour изјавил дека демонстранти повторно го подигаат знамето со лав и сонце, извикуваат слогани со името на Пахлави и поставуваат негови фотографии. Според него, тоа е знак за растечка поддршка, бидејќи, како што оценил, „потребна е поголема храброст“ да се излезе на улица и да се извикува неговото име во услови на ризик од насилство.
Во истата изјава, Хансаринија тврди дека Пахлави не се стреми да ја врати монархијата по автоматизам, туку да овозможи слободни избори на кои граѓаните би одлучиле дали сакаат уставна монархија или република. Со тоа, пораката што се пласира е дека Пахлави се позиционира како „преоден“ симбол и фактор за демократизација, а не како конечна државна форма.
Ваквите тврдења, сепак, во Иран традиционално се предмет на остри поделби. За дел од јавноста, монархистичките симболи се знак на носталгија и отпор кон Исламската Република; за други, тие се неприфатлив потсетник на стар режим. Затоа, реалната тежина на Пахлави на терен – и дали тој може да прерасне од дијаспорски лидер во централна фигура на опозицијата – останува прашање што не може да се измери само преку симболика, особено во услови на притисоци, апсења и ограничено независно известување од улица.
Извор: racin.mk






