„Шанса за Центар“: Со новиот ДУП се отвора пат за нова градба, Водно ќе им се сруши над глава на граѓаните

Од советничката група „Шанса за Центар“ остро реагираат откако Советот на Општина Центар со 13 гласа „за“ и девет „против“ го усвои Нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за градската четврт Барутана, оценувајќи дека со оваа одлука се ставаат приватните интереси пред безбедноста на граѓаните.
Според нив, советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на неколку поединци, поддржале план кој предвидува нова изградба во подрачје што, како што наведуваат, е означено како терен под влијание на ерозија.
„Социјалдемократите и демохристијаните заедно сметаат дека правото на сопственост и градење е поважно од правото на граѓаните да бидат безбедни и Водно да не им се сруши на глава“, реагираат од „Шанса за Центар“.
Од иницијативата тврдат дека со предложениот Нацрт-ДУП се предвидува изградба на 25 нови објекти, од кои 24 се приватни семејни куќи, на простор за кој сметаат дека не треба дополнително да се урбанизира поради опасност од ерозија и свлечишта.
Во својата реакција тие предупредуваат дека секое ново навлегување во шумскиот појас на Водно може да има сериозни последици за целиот град.
„Ако Галите во стрипот ‘Астерикс и Обеликс’ се плашеа небото да не им падне на глава, скопјани, а особено жителите на Центар, треба да се плашат Водно да не им падне на глава. Не може постојано да се задоволува огромниот апетит за уништување на шумата на планината, која го штити градот од поројни поплави и лизгање на земјиштето“, наведуваат од „Шанса за Центар“.
Против усвојувањето на Нацрт-планот гласаа советниците од „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ, како и уште двајца советници – еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, образложи дека не станува збор за отворање нов простор за урбанизација, туку за корекција на постојниот урбанистички план.
Според него, измените носат поголема корист за граѓаните, бидејќи дел од просторот ќе добие јавна намена.
„На местото на конфискувана парцела, која претходно била предвидена за резиденцијално домување, планираме пренамена и изградба на дом за стари лица. Плацовите на Водно конечно ќе добијат намена за обичните граѓани, а не за луксузни апартмани“, изјави Герасимовски.
Тој потенцираше дека целта на предложените измени е да се создадат содржини од јавен интерес, а не да се поттикне нов бран на урбанизација.
По усвојувањето на Нацрт-ДУП, постапката продолжува со јавна анкета, на која граѓаните ќе можат да достават свои забелешки и предлози. По нивното разгледување ќе биде изработен предлог-план, кој повторно ќе се најде пред Советот на Општина Центар за конечно усвојување.






