Шефот на затворскиот систем поднесе оставка по неуспешната егзекуција на Криста Пајк


Раководителот на затворскиот систем во американската сојузна држава Тенеси поднесе оставка по неуспешниот обид да се изврши смртната казна врз затвореничката Криста Пајк.

Гувернерот Бил Ли ја соопшти веста во саботата, во заедничка изјава со комесарот на Одделот за поправни установи на Тенеси, Френк Страда.

Страда изјави дека неговото повлекување е „во најдобар интерес“ на државата и оцени дека истрагата за инцидентот е „целосно оправдана и неопходна“.

Пајк, која беше осудена на смрт во 1996 година за убиството на Колин Слемер, преживеа две инјекции и сега се наоѓа во критична состојба во болница во Тенеси, додека нејзините адвокати се борат за преиначување на нејзината казна.

„Комесарот Страда чесно ги извршуваше своите должности и ја ценам неговата подготвеност да ги стави интересите на граѓаните на Тенеси на прво место во овој тежок период“, рече Ли.

Гувернерот нареди независна истрага и ги стопираше сите егзекуции во државата за оваа година.

Адвокатите на Пајк ја оценија оставката како „оправдана“, но нагласија дека „тоа сега воопшто не ѝ помага на Криста“.

„Она што ѝ се случи во средата е одраз на системски неуспех кој оди многу подалеку од поединецот“, се вели во соопштението на правниот тим на Пајк.

„Се надеваме дека барањето на гувернерот за сеопфатна, независна истрага ќе ги открие сериозните проблеми во целиот систем за смртна казна во Тенеси“ велат адвокатите.

Според судските документи, Пајк се наоѓа во болница во Нешвил, Тенеси, каде што лекарите се обидуваат од нејзиниот организам да ги отстранат лековите употребени за време на обидот за извршување на смртната казна.

Во средата, таа двапати примила инјекција со смртоносна доза пентобарбитал, но преживеала.

Со брза помош била пренесена во болница.

Додека ги примала тие дози, „можело да се слушне како плаче, стенка и гласно дише“, изјавиле нејзините адвокати.

Заклучно со четвртокот навечер, таа била во несвесна состојба, интубирана и приклучена на апарат за вештачко дишење.

Државната управа за извршување на кривични санкции го бранеше применетиот метод, наведувајќи дека „протоколот не предвидува дополнителни постапки покрај оние што веќе биле спроведени“.

Надлежните органи сè уште немаат соопштено дали повторно ќе се обидат да ја извршат смртната казна врз Пајк.

Исто така, не понудија никакво објаснување за тоа што тргнало наопаку.

Во петокот, нејзините адвокати поднесоа итно барање за зачувување на „сите докази“ поврзани со неуспешниот обид за извршување на казната.

Претходно тие предупредија дека нејзината медицинска историја и анатомските карактеристики – меѓу кои тромбоцитоза (нарушување на згрутчувањето на крвта) и тесни вени – носат ризик од „непотребна“ болка и страдање при извршувањето на смртната казна со смртоносна инјекција.

Пред обидот за извршување на казната, адвокатите во повеќе наврати се обидоа да ја оспорат одлуката.

Врховниот суд на САД отфрли две посебни барања за запирање на извршувањето со смртоносна инјекција.

Гувернерот на Тенеси, исто така, го отфрли барањето за помилување поднесено од Пајк, единствената жена осудена на смрт во таа сојузна држава.

Пајк имала 18 години кога таа и нејзиното тогашно момче, Тадарил Шип, ја претепале, мачеле и убиле 19-годишната Слемер во 1995 година.

Таа била осудена на смрт следната година во Ноксвил, Тенеси.

Back to top button
Close