Шекеринска: Кога се гради корумпирано и криминализирано, штетата ја плаќаат граѓаните

Кога се гради неплански, корумпирано, криминализирано, цената се плаќа повеќекратно, изјави вицепремиерот Радмила Шекеринска и заменик-претседател на СДСМ која доцна попладнево ги посети и направи увид на поплавените населби кои вчеравечер претрпеа оштетувања од поројниот дожд во Битола.

Шекеринска од градоначалникот на Битола Наташа Петровска беше информирана дека невремето предизвикало штети кои со брзата интервенција на локалните комунални претпријатија значително се намалени.

-Градоначалничката денес можеше да каже овој инфраструктурен проблем не е создаден во мое време и не ме интересира, но ние ги решаваме и проблемите кои ни ги оставија во наследство пред 10, 7 или пред 5 години. Тие грешки ги плаќаат неколку генерации. Не може да се гради без вистински проекти, не може да се гради без стручност. Кога се гради неплански, корумпирано, криминализирано…, цената повеќекратно ја плаќаме и затоа даваме поддршка на општинските институции да констатираат ако некој има одговорност за незаконско, нестандардно работење, треба да одговара бидејќи цената сега ја плаќаат граѓани кои што купиле нови станови, во нови објекти, а сега треба да плаќаат за да го спасат својот имот, изјави Шекеринска во Битола.

Таа нагласи дека попладнево ја променила агендата за полтичка кампања во изборната единица се со цел да се приклучи на екипите што ги формирале градоначалничката и директорите на јавните претпријатија.

-Владата е на располагање за да помогне во оваа ситуација. Им честитам на сите што брзо реагираа, директорите на јавните претпријатија не чекале некој друг да ја заврши работата, туку биле на терен и им помагале на граѓаните. Со природата нема играње и овие екстремни промени, од екстремно жешко до поројни дождови се карактеристика на климатските промени на кои ќе треба да се навикнуваме, да се прилагодуваме и се да направиме за да ги спречиме ваквите штети. Очигледно е дека долгото неинвестирање во инфраструктура предизвикува последици и тие се провлекуваат со години, и за 2,5 години не може да се променат, рече Шекеринска. 

Ова, како што рече, покажува дека сме во право кога велиме дека парите мора да одат во модерна инфраструктура, и тоа во инфраструктура која постојано ќе се обновува и унапредува.  – Ние, во нашата програма презедовме обврска парите да одат кај граѓаните, кај приоритетите, а тоа значи не-за музеи, не-за споменици, не-за жални врби, а да-за инфраструктура која ќе прилега на 21 век, рече Шекеринска. 

Апелирам, рече Шекеринска, граѓаните да ги пријавуваат штетите, честитам на општината што го стави во функција механизмот за пријавување на штетите и само со ваква акција граѓаните ќе може да добијат поддршка од општината и од Владата.

Општинскиот кризен штаб во Битола одлучи и формира 15 екипи за брза интервенција во случај на пороен дожд.

-Граѓаните од утре може да доставуваат барања за обесштетување, истакна градоначалничката Наташа Петровска вечерва во Битола.

Back to top button
Close