Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ не смее да каже ни п од правна држава

– ВМРО-ДПМНЕ не смее да каже ни п од правна држава, истакна Радмила Шекеринска, носител на листата кандидати за пратеници од коалицијата „Можеме“ на средба со битолските новинари, одговарајќи на прашања врзани со актуелната политичка кампања во државата.

Шекеринска праша зошто нејзиниот противкандидат, носител на листата кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бега од медиуми и отворени прашања.

-Не бегам од камери, не бегам од поставени прашања, а каде е носителот на листата од ВМРО-ДПМНЕ Игор Дурловски да одговори барем на едно прашање од медиумите, од граѓаните!? Ако ги погледнете дневните агенди на ВМРО-ДПМНЕ ќе воочите дека не кажуваат каде е Дурловски? Ако како битолчанец не знае каде води патот од Битола, што ли ќе каже за регионалните патишта во Струшко или Кичевско. За жал, ВМРО-ДПМНЕ не промени ни точка во своето однесување. Лаги, дезинформации, напади и плукања, изјави Шекеринска.

Сакам да порачам, како што рече, дека како партија покажавме разлика, бидејќи ниту еден од СДСМ не беше над законот, ниту еден случај не беше блокиран, ниту еден кандидат или пратеник од СДСМ не се крие од Судот, ниту еден од нас не бега кога ќе го повикаат во полиција. ВМРО-ДПМЕ треба да одговори на многу прашања, но не смее да каже ни п од правна држава.

– Кога ги слушав дека зборуваат за нула толеранција кон криминалот, мојата реакција беше дека има две нули и една единица пред тие две нули, односно имаат 100 процентна толеранција за криминалот и корупцијата во нивните редови, рече Шекеринска. 

Пред битолските новинари, Шекеринска потсети дека владата на СДСМ ја покани Европската Унија да ги мониторира сите големи случаи на криминал и корупција затоа што, како што рече, нема од што да се плашиме.

 -Нашата обврска беше да го реформираме правосудството, да ги ослободиме Судовите од партиските спреги, видовме зошто се противеле на Законот за јавно обвинителство, односно да им овозможат на луѓето околу нив што ја финансираат нивната кампања да бегаат од правдата. Ние не можеме и не треба да бидеме судии и обвинители, меѓутоа сега судиите и обвинителите немаат ниту малку оправдување ако продолжат да гледаат низ прсти, и одговорност ќе има и за тие судии што ги одолговлекуваат предметите. Ние ја поканивме Европската Унија да ги мониторира сите големи случаи на криминал и корупција затоа што нема од што да се плашиме, а ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не помисли на такво нешто, напротив бегаа од било каков мониторинг и било каква контрола, изјави Шекеринска вечерва во Битола.

Back to top button
Close