Шпанска вечер на „Охридско лето“ со триото „Вибрарт“

Во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“, вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Шпанската вечер, на која ќе настапи реномираното трио „Вибрарт“.
Ансамблот го сочинуваат пијанистот Хуан Перез Флористан, виолинистот Мигуел Колом Куеста и виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез. Основано во 2015 година во Берлин, триото „Вибрарт“ претставува спој на тројца врвни шпански музичари кои со искрен и автентичен пристап се посветени на репертоарот за клавирско трио. Нивното име ја симболизира моќта на камерната музика да допре до публиката, да комуницира и да остави силен уметнички впечаток.
Покрај заедничкото музицирање, сите тројца успешно градат и солистички кариери. Образовани се на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид и во Берлин, а својата концертна дејност ја надополнуваат со педагошка работа и настапи со водечки оркестри.
Хуан Перез Флористан е лауреат на престижните натпревари „А. Рубинштајн“ и Меѓународниот пијанистички натпревар во Сантандер и професор на Академијата „Баренбоим-Саид“. Мигуел Колом Куеста е концерт-мајстор на Шпанскиот национален оркестар и предава на Високата школа за музика „Кралица Софија“ и на Академијата „Баренбоим-Саид“, додека Фернандо Ариас Фернандез, добитник на бројни меѓународни признанија, е професор на Кралскиот конзерваториум во Мадрид и на Високата школа за музика „Кралица Софија“.
Триото се усовршува под менторство на Еберхард Фелц, Менахем Преслер и Кенеди Морети. Нивниот репертоар опфаќа дела од Моцарт до современи автори како Лера Ауербах, а дебитантскиот албум содржи композиции од Шуберт и Шостакович.
„Вибрарт“ настапува на престижни европски фестивали и концертни сцени, меѓу кои фестивалите „Поленса“, „Марвао“ и „Шлос Елмау“, салата „Корто“ во Париз и камерните концерти во Берлин. Како солисти заедно настапуваат со Шпанскиот национален оркестар, Националниот оркестар на Каталонија, Кралскиот симфониски оркестар на Севиља и Оркестарот на провинцијата Аликанте, во сали како Националниот аудиториум за музика во Мадрид и Театарот „Маестранца“ во Севиља.






