Шпанската полиција разби српска криминална група: пронајдена „соба за мачење“ во луксузна вила

Шпанската Национална полиција разбила криминална група која дејствувала долж Коста дел Сол, Кампо де Гибралтар и регионот Леванте, а истрагата довела до шокантно откритие во луксузна изнајмена вила во Естепона.

Полициската акција започнала во раните утрински часови на 5 септември, по повик од девојка на еден од наводно киднапираните мажи. Таа пријавила дека нејзиниот партнер заминал на адресата „Нуева Аталаја 65“ поради, како што ѝ кажал, сомнителни работи и дека треба да ја повика полицијата доколку не ѝ се јави во рок од десет минути.

Првата полициска патрола што пристигнала на местото забележала светло во вилата. Кога полицајците заѕвониле, од објектот излегле двајца маскирани мажи со заштитни ракавици. Набргу потоа, низ кујнската врата истрчал целосно гол маж со видливи повреди и траги од крв, кој им кажал на полицајците дека бил киднапиран и дека сакаат да го убијат

Еден од маскираните осомничени, подоцна идентификуван како Марко Н. (1995), се обидел да избега прескокнувајќи го ѕидот на дворот и носејќи предмет што личел на огнено оружје. По предупредувачкиот истрел на полицаец во воздух, тој бил совладан со помош на дополнителни полициски сили. Набргу бил уапсен и вториот маскиран маж, Филип Ј. (2001).

Во акцијата биле ангажирани дополнителни полициски единици од Естепона и Марбеља. При обидот да побегнат од вилата биле фатени и Зоран Н. (1991) и Леон Ј. (1997), кој бил пронајден скриен во грмушките во соседен имoт.Во текот на бегството, еден од осомничените фрлил спортска торба во соседен имот. Во неа полицијата пронашла автоматски пушки АК-47, додека во самата вила била пронајдена и втора жртва, идентификувана како Мигел Анхел, која била повредена и барала помош.

Најшокантното откритие следувало при претресот на објектот. Полицијата пронашла просторија целосно обложена со пластична фолија. Во неа имало стол, пластични стеги, чекан, клешти, леплива лента, пиштол со придушувач и дополнително огнено оружје.

Запленетото оружје сега го анализираат балистичарите за да утврдат дали било употребено во претходни вооружени пресметки или други кривични дела на подрачјето на Марбеља.

Според истражителите, двете жртви, Мигел Анхел од Кадиз и Хамза од Сеута, исто така имале полициски досиеја. Полицијата се сомнева дека биле поврзани со истата криминална група и дека биле брутално малтретирани како одмазда поради неуспешна задача, можно губење на пратка или неплатен долг.

Еден од нив по излегувањето од болница веднаш бил префрлен во затвор. Поради безбедносни причини и продолжувањето на истрагата, полицијата разгледува можност двајцата да добијат статус на заштитени сведоци.

Во акцијата биле уапсени вкупно седум државјани на Србија. Според полицијата, ниту еден од нив немал пријавено живеалиште во Шпанија. При апсењата и потерата низ околните имоти биле повредени и тројца полицајци.

Форензичарите во вилата пронашле и биолошки траги од други лица кои, според истрагата, би можеле да бидат поврзани со српското криминално подземје. Истрагата продолжува, а седумтемина уапсени се сместени во затворот „Алхаурин де ла Торе“. Според информациите од истрагата, тие веќе упатиле закани кон затворскиот персонал и барале да бидат сместени во истиот оддел и во исти ќелии. (Skopje1)

Back to top button
Close