Шпански власти: Помилувањата на каталонските сепаратисти не се чекор кон референдум

 – Шпанската Влада предупреди дека помилувањето за девет затворени лидери на каталонските сепаратисти не значи дека таа е подготвена да преговара за референдум за независност на Каталонија.

Врховниот суд одобри ослободување на девет каталонски политичари и активисти откако Владата донесе решение за помилување, а тие денеска беа ослободени од затвор.

Премиерот Педро Санчез претходно ги опиша помилувањата како знак на добра волја и прв чекор кон решавање на политичкиот конфликт на Мадрид со богатиот североисточен регион, чија влада бара нов референдум за независност, но со согласност од Мадрид.

Девет каталонски лидери беа осудени во 2019 година на затворска казна меѓу девет и 13 години поради бунт и злоупотреба на јавни средства при организацијата на референдумот за независност на Каталонија од Шпанија.

Помилувањата се условни и забраната за вршење јавни функции за овие каталонски лидери останува во сила.

– Не само што овој референдум е неуставен, туку не можеме да продолжиме со уништување на каталонското општество, истакна премиерот Санчез пред пратениците, одговарајќи на барањата на сепаратистичките пратеници за референдум, кој ќе биде одобрен од Мадрид.

Конзервативните опозициски партии побараа од Санчез да поднесе оставка поради помилувањето, тврдејќи дека социјалдемократскиот премиер со овој потег го нарушил единството на Шпанија. Анкетите покажуваат дека околу половина од Каталонците ја поддржуваат независноста од Шпанија.

Back to top button
Close