Штипските археолози истражуваат на локалитетот „Кале“

Археолозите од Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип по 40 години повторно почнаа  со истражувањата на петкорабната катедрала на локалитетот „Кале“ кај селото Крупиште. Истражувачите и академик Блага Алексова во своите научни трудови наведуваат и сметаат дека овој локалитет бил градот Равен, каде што Кирил ја напишал Глаголицата, а неговиот брат Методиј бил назначаен за епископ и оти од овде ја почнале Моравската мисија. Директор на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека археолозите при овие истражувања повторно откриле камења, на кои има букви од глаголицата, кристилница, каде населението се покрстувало.

-Оваа црква се наоѓа на една квадратура голема и е со димензии 28 на 30 метри, досега што е истражено и се работи за еден катедрален храм, со пет апсиди. Ова е репрезентативна црква, којшто досега и во нашата држава не е откриена, од таков тип на црква. Оваа црква датира од деветтиот и десеттиот век. Тоа ни го потврдија и овогодинешните истражувања, каде што најдовме и една чанкарска монета, којашто датира од тој период, вели Штерјов.

Смета дека со годинешниве истражувања ќе ја дефинираат целата архитектура на петокорабната катедрала.

-Успеавме со овие истражувања да утврдиме дека оваа црква најверојатно имала и крстилница, бидејќи тој ѕид е којшто продолжува на север. Нема да успееме оваа година да ја доистражиме, но главниот дел ќе успееме да ги истражиме. Досега на јужната страна откривме и шест гроба, коишто се уште не се истражени и се надевам дека ќе дадат едни нови податоци, вели Штерјов.

Локалитетот „Кале“ се простира на осум хектари, каде се откриени четири цркви и петкорабната катедрала, ѕидините на градот постоеле до Првата светска војна. Жителите на селото Крупиште ги искористиле камењата во тој период да си ги изградат куќите. Атрактивен е за туристите и авантуристите од Балканските земји и Русија, кои овде низ годините затекнуваа пред се обраснати ниви со трње и трски. Археолошките истражувања годинава чинат 400.000 денари, средствата се обезбедени од Министерството за култура. Штерјов се надева дека и наредната година ќе продолжат истражувањата на локалитетот, кој можеби ја раскажува  приказната  за словенската писменост

Back to top button
Close