Што да кажам, како да ја изразам ужаснатоста од видеото… Флојд со последните сили му кажува на полицаецот „Не можам да дишам“…

Веќе трет ден се мислам што да кажам, како да ја изразам ужаснатоста од видео записот од Минесота, во кој полицаецот белец со коленото го притиска вратот на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Флојд со последните сили му кажува на полицаецот „Не можам да дишам. Не можам да дишам.“ Набрзо починал.

Тешко е да се изгледа видеото, но уште потешко е да се посведочи таа ладнокрвна свирепост на лицето на полицаецот, до кого не допреа ниту молбите од жртвата, ниту повиците од набљудувачите да престане со убиствената тортура.

Џорџ Флојд не се опирал на апсењето, бил кооперативен со полицајците, со себе не носел огнено или какво било оружје… А, сепак им се придружи на Мајкл Браун, Ерик Гарнер, Џон Крафорд, Лакван Мекдоналд, Тамир Рајс, Сандра Бленд и многу други млади Афроамериканци, кои исто така без опирања, со многу кооперативност и најчесто со кренати раце, беа убиени од страна на полицајци кои се белци.

Сите овие луѓе не беа убиени заради нивната сиромаштија. Има многу сиромашни Американци со кои полицијата поинаку, човечки постапува. Не беа убиени ниту заради нивната вероисповест, сексуална ориентација, политичка определба или место на живеење.
Сите овие луѓе беа убиени од страна на полицијата поради нивната боја на кожата.

И покрај укинатата сегрегација и повеќедецениска интеграција на маргинализираните, расизмот не престана да владее во САД, иако можеби потешко и поприкриено.
Расизмот никогаш не си заминал од американското секојдневие. Единствената промена е што сега е лесно да се сними и цел свет да го посведочи.
Во полицијата во САД владее една системски одржувана белечка надмоќ и бруталност во постапувањата со Афроамериканците.

Image may contain: 1 person, eyeglasses, text that says '"That's not a chip on my shoulder. That's your foot on my neck." Malcolm X'

Затоа движењето за менување на оваа ужасна состојба се вика Black Lives Matter.
Затоа контра-движењето (да, и тие имаат контра протести) All Lives Matter е дрско релативизирање и обезвреднување на жртвите.
Затоа што не – не се сите системски угнетувани и не се сите во опасност да го изгубат животот во најобична интеракција со полицијата.
Сурово е овие институционални и системски поткрепени злодела да се разводенат преку споредби или изговори.

Човечки е да се чувствува лутина за ваквата неправда, дури и кога ја сведочиме од илјадници километри оддалеченост.
Човечки е да се чувствува бес поради тоа што припадниците на една длабоко корумпирана институција се однесуваат како да се над сè.
Човечки е да се даде поддршка, макар и само вербална, на милионите обесправени, но и ангажирани да се крене свеста на јавноста за ова прашање.
Крајно, човечки е да се препознае неправдата и да се води бескомпромисна битка против неа, затоа што таа лесно се прелева преку сите граници.

Кристина Костова – Фејсбук статус

Back to top button
Close