Што е „демисексуалност“: Знаци на поврзаност и идентификување со овој поим
Снаоѓањето низ светот на романтичните врски и сексуалната привлечност честопати е збунувачка. Некои луѓе во текот на животот се прашуваат зошто не ги делат истите искуства како нивните пријатели, зошто не се привлечени од случајни авантури или зошто им е потребна подлабока емоционална врска пред да почувствуваат сексуална желба. Тука доаѓа до израз концептот на „демисексуалност“ – идентитет што добива сè поголема видливост последниве години, но којшто останува во голема мера непознат за луѓето.

Што е демисексуалец?
Овој поим ги опишува луѓето кои чувствуваат сексуална привлечност само откако ќе развијат силна емоционална врска со некого.
– Демисексуалност е кога ви е потребна емоционална врска со некого пред да посакате да имате секс со него. Додека многу луѓе претпочитаат да го запознаат партнерот пред да имаат интимни односи, разликата за демисексуалците е во тоа што сексуалната привлечност често не постои сè додека не се развие емоционална интимност, објаснува Џеки Голоб, сексуална терапевтка и основачка на порталот „Терапија без срам (Shameless Therapy)“.
Според сексологот Ријанон Џон, емоционалната врска не мора нужно да биде романтична.
– Таа врска може да биде пријателство, интелектуална врска или чувство на заемна грижа и доверба, додаде таа.
Стручњаците нагласуваат дека демисексуалноста е спектар и дека секоја личност го доживува своето искуство различно. Зак Зејн верува дека луѓето кои не уживаат во случајни сексуални искуства и кои треба добро да запознаат некого пред да развијат сексуална привлечност, би можеле да се идентификуваат со оваа појава. Терапевтот Доменик Харисон додава дека демисексуалците честопати имаат многу малку искуства со сексуална или романтична привлечност во своите животи и честопати не можат да се идентификуваат со разговорите на своите врсници за секс и вљубување.
– Сепак, демисексуалноста не треба да го диктира вашето однесување, туку да ги опишува шемите што веќе ги забележувате кај себе, вели Зејн.
Признаци за демисексуалност
1. На еден демисексуалец му треба ментална поврзаност: Пред да се почувствува сексуалната привлечност, личноста сака да води длабоки разговори и да воспостави интелектуална врска со некого.
2. Не ве привлекува случаен секс: Замислата за случаен или секс „без имиња“ не му/ѝ изгледа возбудлива или пожелна.
3. Забележувате привлечност, но без сексуални фантазии: Може да се појави физичка привлечност, но ретко фантазирате за секс со таа личност.
4. Емоционалната врска е најважната компонента: Само кога таа/тој се чувствува безбедно и емоционално поврзано, се јавува желбата за интимност.
5. Не ве интересираат „секс-пријателите“: Ниту пак, сексот без подлабока емоционална врска.
6. Вашите чувства бараат време да се развијат: Романтичната привлечност не доаѓа брзо или спонтано за конкретната личност.
7. Привлечноста трае подолго: Откако ќе се развие, често произлегува од споделени искуства што, со текот на времето, постепено се зајакнува.
8. Немате јасно дефиниран „тип“: Физичкиот изглед обично не е главен фактор во привлечноста. Карактерот, личноста и емоционалната врска се поважни.
9. Пријателство пред романса: Повеќето од врските почнуваат преку разговор, споделени интереси и пријателска врска.
10. Одвојувате повеќе време за физичка интимност: Дури и едноставен допир може да бара одредено ниво на доверба и удобност.
11. Се чувствувавте различно од вашите врсници: Можеби сте се чувствувале малку изолирано во младоста, затоа што не сте го споделувале истиот интерес за секс и љубовните теми како и луѓето околу вас.
12. Ретко се вљубувате во туѓинка/туѓинец: За разлика од другите луѓе, демисексуалецот речиси никогаш не развива чувства кон луѓе што едвај ги познава.
13. Ретки љубовни искуства: Кога ќе се осврне на својот живот, демисексуалецот, вообичаено, може да се сети само на неколку случаи во коишто доживеал/-а посилна романтична љубовно-сексуална привлечност.
Идентитетот не е шаблон
Многу луѓе кои се идентификуваат како демисексуалци, опишуваат чувство на олеснување кога првпат се сретнале со тој поим, бидејќи им помогнал да ги разберат сопствените искуства. Важно е личноста да пронајде идентитет што има смисла за неа/него, се вели. Според стручњаците, сепак, ниеден список на знаци не може со сигурност да одреди нечиј идентитет.
Причините за помал интерес за секс или побавен развој на привлечноста можат да бидат бројни – од лични склоности и животни искуства до некоја траума, воспитувањето или културните верувања. Затоа, не секој што препознава некои од горенаведените одлики, ќе се идентификува како демисексуалец.
Имено, демисексуалноста често се класифицира под поширокиот спектар на асексуалност, но тоа не значи и дека секоја демисексуална личност ќе се идентификува со етикетата асексуалност. На крајот на краиштата, се нагласува, сексуалноста е длабоко лична работа и не постои „точен“ начин за идентификување. Најважно е да се пронајде опис што ќе помогне да ги разберете сопствените чувства и искуства – без притисок да се вклопите во која било однапред определена категорија.






