Што значи мистериозниот руски воен симбол „З“
Политичарите, активистите и влијателните лица кои јасно застанаа на страната на рускиот претседател Владимир Путин се забележани како носат беџови и облека со исцртана буква „З“ на латиница. На тој начин тие отворено ја изразуваат својата поддршка за руската инвазија на Украина, а има информации дека и руски националистички групи го прифатиле овој симбол.
Овој симбол беше забележан и на руските тенкови и воени возила кои доаѓаа во Украина, па за само неколку дена стана симбол на инвазијата. Амблемот првпат беше забележан во февруари на руските воени возила кои се движеа во регионот на Донецк. На Твитер имаше коментари дека буквата „З“ која се појавува на тенковите може да е начин за означување на пешадијата.
Што значи буквата „З“
Камил Галејев, поранешен соработник на Галина Старовоитова, од Истражувачкиот центар „Вилсон“ на Твитер напиша дека некои го толкуваат симболот „З“ како кратенка за „победа“, додека други сметаат дека тоа е првата буква од зборот „запад“ и значи пешадија која се движи кон запад.
Но, значењето на симболот допрва треба да биде потврдено од руски воени извори, пишува „Бизнис инсајдер“.
И покрај тоа што буквата „З“ не е напишана на кирилица, се чини дека таа е вткаена во поширокиот руски воен наратив. Автомобили низ цела Русија се забележани со буквата „З“. Голем број демонстранти кои маршираа низ улиците на Белград носеа знаци со буквата „З“, а митингот беше организиран за поддршка на Русија.
Слично, група руски националистички демонстранти во Санкт Петербург беа фотографирани со качулки со белата буква „З“ со натпис „Нема да се откажеме“. Не е јасно кога е направена снимката, но се појавила во првата недела од март.
Кој сè ја носеше буквата „З“
Рускиот гимнастичар во неделата на церемонијата на доделување медали во Доха ја носеше буквата „З“ на облеката. Исто така, Марија Бутина, осудената руска шпионка и актуелна пратеничка во руската Дума, е видена на видеото како го соблекува блузонот, а на нејзиниот ревер се гледа буквата „З“.
Нејзините колешки носеа и маица со натпис „З“. На фотографијата која беше објавена пишуваше: „Екипа за поддршка на нашата армија и претседателот! Ајде да одиме на работа, момци“.
Политичарот Михаил Дељагин на седницата на Државната дума носеше беџ со буквата „З“.
„Имаме специјална операција во Украина, но имаме војна со Западот“,
рече тој.