Шумски пожар на Тасос – евакуиран хотел, туристи го напуштаат островот
Голем шумски пожар доцна синоќа избувна на грчкиот остров Тасос, во областа Гликади. Зафатени се областите покриени со борови шуми по кои е познат најсеверниот остров во Егејското Море.

Според грчки „Екатимерини“, пожарот е на нерамен, тешко достапен терен што ги комплицира напорите за негово контролирање. Активен е на два фронта – еден во областа Гликади на најсеверниот дел на островот, а другиот се движи кон популарното крајбрежно одморалиште Пахис и селото Рахони.
Пожарот избувнал во близина на пристаништето Лименас. Иако станбените области засега не се директно загрозени, хотел во областа Пахис е евакуиран како мерка на претпазливост. Голем број туристи испаничено се упатија кон пристаништето Лименас за да го напуштат островот.
Пожарникарите сè уште работат на гаснење на пожарот, но ветерот ја отежнува ситуацијата. Првиот противпожарен авион пристигна на Тасос во 5:50 часот утринава, со засилени противпожарни и полициски сили.
Градоначалникот на Тасос, Лефтерис Киријакидес, повика на смирена и координирана акција.