Швајцарска компанија ѝ продала на Србија опрема за прислушување
Швајцарска компанија и доставила систем за геолокација и прислушување на српската влада, објави весникот SonntagsBlick.
Швајцарската конфедерација ја одобрила таа продажба во 2023 година, дознава новинската агенција Keystone-SDA, пренесе СвисИнфо.
Швајцарското Министерство за економија потврди за Keystone-SDA дека Конфедерацијата одобрила испорака на IMSI-catchers, во вредност од речиси 2 милиони швајцарски франци до владините служби во Србија.
Министерството не прецизираше дали опремата е доставена до српските разузнавачки служби или до МВР на Србија. Не го објави ниту името на швајцарската компанија што ја испорачала опремата, пишува СвисИнфо.
Во декември, Амнести интернешнал откри дека телефоните на неколку активисти и новинари биле инфилтрирани со шпионски софтвер контролиран од српските разузнавачки служби. Од организацијата тврдат дека тоа е широко распространета и систематска практика.
Испораката на опрема за надзор е забранета во Швајцарија доколку постои причина да се верува дека ќе се користи за репресија во земјата примател. Во моментот на одобрувањето, немало доволно докази за да се потврди ова, изјави за SonntagsBlick портпаролот на Државниот секретаријат за економски прашања, Фабијан Мајенфиш.