Сиљановска: Ветото не е пријателски инструмент, Копенхагенските критериуми се наш пат кон ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција во Вила Водно со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Копенхагенските критериуми се тие кои ќе не направат, стандардна европска, досадна држава, а ветото не е пријателски инструмент, очекувам разбирање, а се разбира ние во меѓувреме мора да ја тераме државната агенда, економски, културно да се развиваме.
Претседателката оценувајќи ги како традиционално пријателски односите со Хрватска, за кои кажа дека во сите сфери одат напред, истакна дека никогаш нема да биде заборавено дека во 2020 година за време на хрватското претседателство во ЕУ го направивме чекорот заедно со Албанија.
-Тоа е знак на разбирање, знак на поддршка. Хрватска и покрај тоа што е членка на ЕУ има разбирање за регионалните потреби, има разбирање за Западен Балкан. Многу пати претседателот повторува дека сме географски, културно, историски дел од Европа. Во однос на нашето чекање за ЕУ повторувам дека верувам оти Копенхангенските критериуми се тие што ќе направат стандардна европска досадна држава, дека ветото не е пријателски инструмент, дека очекувам разбирање. Се разбира ние мора да ја тераме државната агенда, бидејќи легитиметот извира од граѓаните, мислам економски, културно, научно да се развиваме, нагласи Сиљановска Давкова.
Сиљановска додаде дека земјава е многу напред во однос на хармонизирањето со акито и напомена дека нашите проблеми имаат поинаква природа.
-Нашите проблеми се од друга природа, нашите проблеми се врзани, што е многу чудно за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за кои не се разговара и преговара. Мислам дека ветото и натаму ќе предизвика проблеми, нема да останеме осамен случај и дека на некој начин треба она што е во рамки на Копенхагеншките критеиуми да си го бараме местото, нагласи таа и додаде дека во целиот тој контекст мошне важни се и добрососедските односи.
Милановиќ, кој како што напомена е во прва официјална посета на земјава по стапувањето на функцијата на претседателката Сиљановска Давкова, нагласи дека не е тука за, како што рече, да дели совети, но нагласи дека државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ.
-Вие добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ, не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас…вие сте тие, кои ќе одлучите што е важно за вас. Само немојте да бидете жртва на некаква принуда, изнудување, кога станува збор за членството во ЕУ, порача хрватскиот претседател