Силјановска-Давкова очекува победа од три спрема еден, Пендаровски се надева на гласовите од сите етнички заедници

Пендаровски ги очекува и гласовите од кандидатите кои не влегоа во вториот круг од трката за претседател, околу 330 000, бидејќи според неговите проценки идеолошките и политичките профили на овие гласачи се поблиску до концептот што тој го застапува, отколку до оној на неговата противкандидатка

Според неговата противкандидатка, на овие избори поважна од етничката определба е опозициската определба, која, вели, постои не само на страната на партиите во кои доминираат македонски гласачи, туку и во рамките на партиите на Албанците

Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата, Стево Пендаровски, кој ја има поддршката од СДСМ, очекува да добие гласови од сите етнички заедници во вториот круг од претседателските избори. Од друга страна, неговата протвикандидатка поддржана во ВМРО-ДПМНЕ очекува в среда на 8 мај предноста во нејзина корист да биде три спрема еден.

 

Двајцата претседателски кандидати вечерва го имаа своето трето и последно телевизиско соочување на ТВ Канал 5 пред гласањето за претседател на 8 мај, кое ќе биде заедно со изборите за новиот парламентарен состав.

Говорејќи за очекувањата од вториот круг, Пендаровски рече дека е единствениот кандидат на овие избори кој претендирал да добие гласови од сите етнички заедници. Тој, како што кажа, ги очекува и гласовите од кандидатите кои не влегоа во вториот круг од трката за претседател, околу 330 000, бидејќи според неговите проценки идеолошките и политичките профили на овие гласачи се поблиску до концептот што тој го застапува, отколку до оној на неговата противкандидатка.

Силјановска-Давкова, пак, очекува разликата во однос на Пендаровски да се зголеми на три спрема еден и да ги добие гласовите и од оние кои не гласале во првиот круг. Нејзините очекувања се за неа да гласаат и мнозинството жени.

„За првпат имавме седум кандидати (за претседател на државата) во македонската политичка историја по промените на системите и по осамостојувањето. Сме имале со шест, со пет, со три. Сега имавме за првпат двајца кандидати Албанци кои главно претендираа на гласовите на етничките Албанци и имавме и петмина други, меѓу кои бев и јас. Јас тврдам и тогаш и сега дека сум единствениот кој претендираше да добие гласови од сите етнички заедници бидејќи тоа го направив и во 2019, а и во 2014, во мојот прв обид кога не успеав. Имав една значајна бројка на албански гласови и на гласови од другите етнички заедници кои беа диспропорционално со она што значи чист етнички кандидат, кој како сака нека го дефинира“,рече Пендаровски.

Според неговата противкандидатка, на овие избори поважна од етничката определба е опозициската определба, која, вели, постои не само на страната на партиите во кои доминираат македонски гласачи, туку и во рамките на партиите на Албанците.

Таа го повтори ставот дека изборниот цензус од 40 проценти е антиевропски, бидејќи не обединува туку води кон политички пазарења и уцени.

„Антиевропска замка е овој изборен праг од 40 проценти и веќе неколку пати ме опоменуваат оние кои на патот кон евроинтеграциите ќе ги испитуваат не само законите, туку и однесувањата, дека треба да го тргнеме овој изборен праг бидејќи тој апсолутно не обединува, напротив, разединува, односно доведува до политички пазари, уцени кои се закануваат по граѓанскиот глас да биде супституиран. Слушаме деновиве за притисоци, особено во една населба, што навистина не е добро. Она што јас мислам дека оди во мој прилог е тоа што секогаш луѓето кои не се определуваат, особено во вакви средини, во вториот круг попрво гласаат за оној кој има поголема разлика во гласовите, а јас таква имам“,рече Силјановска-Давкова.

Таа потсети и на изјавата на лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој јавно навести дека ќе го даде својот глас за неа и очекува тоа да инспирира и други од неговата партија да гласаат за неа.

Во однос на можноста за бојкот на претседателските избори, Пендаровски рече дека бојкот не треба да има и очекува да биде надминат цензусот од 40 проценти.

Back to top button
Close