Скопјанец осомничен за телесна повреда на поранешната партнерка, забрането му е да и се приближува на жртвата

Обвинителството поведе постапка против едно лице осомничено дека ја навредувал и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка, удирајќи ја повеќе пати по главата и телото, а потоа насилно ја исфрлил од својот автомобил. Предложено е на лицето да му се изрече забрана за приближување и остварување каков било контакт со оштетената во текот на постапката.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот на 4 јануари, како при испад на љубомора, ја навредувал и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка, удирајќи ја повеќе пати по главата и телото, а потоа насилно ја исфрлил од својот автомобил, туркајќи ја на бетонот помеѓу столбчињата поставени на коловозната лента, соопштуваат од Републичкото јавно обвинителство.
Случаен минувач го пријавил настанот во полиција, а оштетената била пренесена во болница за укажување на лекарска помош.
Јавниот обвинител предложил од судијата на претходна постапка да определи мерка на претпазливост – забрана за приближување и остварување каков било контакт со оштетената во текот на постапката.






