Скопје пак се гуши, намалена видливост поради густата магла
Густа магла ја покри скопската котлина и драматично го зголеми нивото на загаденост во главниот град. Според податоците на IQ Air квалитетот на воздухот е во црвената графа со назнака „нездрав“. Според нивните податоци, добиени од нивните шест станици во градот, нивото на ПМ2,5 честички е највисоко во Центар и изнесува 102 микрограми на метар кубен.
Уште подраматичен е податокот на AQICN, според чиј индекс на загаденост, состојбата со воздухот во Скопје е ризична, со предупредување за исклучително штетно влијание врз здравјето на граѓаните. Измерените суспендирани ПМ10 честички се на неколкукратно повисоко штетно ново од дозволеното.
Освен исклучително ниво на загаденост, маглата предизвикува опасност и за нормалното одвивање на сообраќајот, како во Скопје, така и на патиштата ширум државата.
Споредд АМСМ, намалена видливост поради магла од 50 – 100 м. има во Охрид, Д.Капија, Петровец – Велес и Велес –Штип. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На државните патишта се одвива во зимски услови, наместа по влажни коловози. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од АМСМ потсетуваат и на законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Според нивните информации, на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.