Скопје понудило сценарија за деблокада кон ЕУ – Трајков: Можеби ќе се најдеме на средина, да оставиме време

На средбата со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, домашните власти и предложиле можни решенија за деблокада на евроинтегративниот процес. Дел од нив веќе ги спомена шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова – Европарламентот или Советот да усвојат посебен акт за односите меѓу Македонија и Бугарија или пак во третиот протокол од Договорот за добрососедство да се истакне дека ќе нема вето поради историски прашања.

„Имаме неколку сценарија коишто ги понудивме, точно е тоа, за коишто сметаме дека можат да бидат погодни и за двете држави.“, вели Викторија Трајков, заменик министерка за европски прашања.

Заменичката министер за европски прашања Викторија Трајков најави дека за ова прашање посветено ќе се работи претстојниов период, но засега никој не попушта.

„До сега беа децидни и тврди во нивните ставови. Не отстапуваме и ние, така што можеби еве ќе се најдеме некаде на средина.“, рече Трајков.

Евроамбасадорот Михалис Рокас уверува дека сите работат напорно за земјава да се деблокира на патот кон Унијата, но не ги коментираше понудените идеи во детали.

„Има огромни дипломатски активности и исто така голем број на посети и средби, така што било која добра идеја којашто ќе произлезе од такви посети и такви средби е повеќе од добредојдена за нас.“, вели Рокас.

За средба меѓу двете страни првпат било споменато при посетата на Скопје на првиот човек на Советот на ЕУ, Антонио Кошта. Станало збор таа да се случи за време на Самитот на НАТО во Хаг, кон крајот на јуни.На средбата би присуствувале и комесарката Урсула фон дер Лајен и Каја Калас. Дополнително, повикани би биле и претставници на НАТО и САД. Заменичката министер Трајков одговори дека денеска ќе има одговор од бугарска страна за понудата за средба во Хаг, но од Кабинетот на претседателката нема официјална потврда.

Back to top button
Close