СКРМ и СОНК со опомена за тужба до Министерството за култура поради прекршување на колективниот договор

Сooпштение на Синдикат на културата на Република Македонија:

 

Чувствуваме потреба да ѝ соопштиме на јавноста дека како договорни страни во колективниот договор за културата и репрезентативни синдикати во културата, СКРМ и СОНК, испративме опомена пред тужба до Министерството за култура, кабинет на заменикот министер, поради прекршување на одредбите за плата од колективниот договор потпишан на 30.12.2019 г. и објавен во Службен весник бр. 10 од 16.01.2020 г.

Имено со член 130, одредбите за плата од членови 65 и 66 требаше да стапат на сила најдоцна до 01.07.2020 година, а според член 63 платата се исплатува најдоцна до 10-ти во месецот. Иако по состанокот во Владата на 06.07.2020 година, Министерството за култура на својата веб страна објави дека ќе ги почитува одредбите и дури испрати и допис до институциите со налог за пресметка на платите согласно колективниот договор, сепак до ден денешен платата не е исплатена во институциите од културата.

Ја известуваме јавноста дека со член 131 од Колективниот договор за култура повеќе не важат одредбите за плата од досегашните колективни договори на ниво на установи така што не постои ниту една друга опција за законска исплата на платите во културата освен во согласност со гранскиот Колективен договор.

Членството на нашите синдикати одамна го изгуби трпението и повеќе не верува во способноста на Министерството за култура да ги почитува нивните работнички права. Речиси 20 години Министерството ги манипулира вработените, ги гази нивните права и тивко ја убива културата. Во 2020 година, во време на светска пандемија, Министерството за култура, јасно го покажа своето вистинско лице и наместо како сервис на јавниот интерес во културата се покажа како негов гробар. Речиси 70% од програмата на институциите не е реализирана поради тоа што Министерството не подготви протоколи ниту стратегија за функционирање. Уметниците и стручните лица се целосно блокирани во својата работа и своето творештво. Библиотеките, театрите, филхармонијата и НОБ се куќи на духови, а голем дел од музеите и центрите за конзервација едвај функционираат. Културата е речиси мртва и сега последниот удар доаѓа со непочитување на правата на вработените и прекршување на Колективниот договор.

Поради сето тоа, го опоменуваме Министерството за култура дека доколку не го почитува договорот и најдоцна до 25.08.2020 година не ги исплатат јулските плати, ќе започнеме колективен судски спор согласно Законот за работните односи.

Исто така, ги опоменуваме сите директори на институциите во културата дека доколку ги прекршат одредбите за плата од колективниот договор, исто така ќе против нив ќе поведеме индивидуални судски спорови. Сметаме дека најдоброто решение е Министерството за култура да се вразуми и да не ја изложува државата на дополнителни трошоци во време на сериозна закана од економска криза.

 

Back to top button
Close