СКСЗМ потпиша Меморандум за соработка со Министерството за економија

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе назначи лице кое постојано ќе биде во директен контакт со Министерството за економија со цел континуирана соработка, навремено и транспарентно информирање, како и пренесување на предлозите за подобри политики од двете страни.

Ова, меѓу другото, е содржано во Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа СКСЗМ и Министерството.

– Станува збор за многу важен документ. Ние и во минатото сме имале одлична соработка и сме креирале мерки и политики во интерес на бизнисот, но сега со Договорот сме обврзани да ги споделуваме заедничките информации транспарентно и навремено со цел подобрување на условите за бизнис заедницата, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој напомена дека Министерството останува отворено за соработка.

– СКСЗМ располага со голем број анализи посебно на микро и малите претпријатија кои нам ни се особено битни. Ќе можеме да ги користиме за креирање политики, за рационално користење на средствата и се тоа во насока на освојување нови пазари, промоција и зголемување на извозот, рече Бектеши.

Претседателот на Комората, Неби Хоџа објасни дека лицето што ќе биде назначено од нивна страна, ќе биде вклучено во сите активности во Министерството за економија.

– Кандидатот ќе ги проследува нашите барања до Министерството, а паралелно ќе ја информира Комората за предлозите што доаѓаат од оваа владина институција, рече Хоџа.

Back to top button
Close