„Слатките колачиња на мама“ – уникатни ремек дела што допираат до сите сетила
Слончиња, патчиња, зајчиња, петлиња, овчички, жирафки, прасенца, принцези и замоци, круни, ѕвончиња, еднорогчиња, фудбалски топки, риби, школки и морски ѕвезди, морковчиња, лубеници, печурчиња, цветчиња, стрип јунаци, смокинзи и невестински фустани, се само дел од „слаткото царство“ на скопјанката Снежана Петрушева.
Лаборант по професија, но мајстор и во кујната. Виртуоз кој од брашно и мед прави уникатни ремек дела, уметност која допира до сите сетила.
Приказната на Петрушева почнала неодамна и сосема случајно. По којзнае кој пат, вообичаено, ги направила добро познатите божиќни колачиња за своите најблиски. Ги ставила на трпезата. Изгледале прекрасно. Додека во кругот на семејството го пиеле пладневното кафе, ќерка и сериозно забележала дека би било штета, сега, во време на интернет, кога целиот свет е секому достапен онлајн и преку социјалните мрежи, ваквиот талент да остане „дома“.
-А да ти отворам страница на фејсбук?, била првата реакција на Ирина.
Снежана мислела дека ќерка и се шегува. Но, се разуверила за кратко.
-Така почна се. Се случи „Слатките колачиња на мама“. Ирина инсистираше да го промовира она што јас всушност цел живот го правам, а притоа никогаш не сум помислила дека може да предизвика толку голем интерес. И еве каде сме денес. За само неколку месеци. Имам куп нарачки речиси секој ден, раскажува Петрушева.
Луѓето не само што ги препознаваат „Слатките колачиња на мама“, туку имаат и многу интересни барања.
-На почеток, кога го прифатив предизвикот, не размислував колку може да стане сериозна работава. Првата нарачка беа колачи за новороденче. Потоа следуваа и неколку од анимирани филмови за деца. Интересно беше кога еден клиент праша дали можеме да направиме џамии. Нарачката беше за еден од верските празници. Успеав без проблем. Оние што ме познаваат, знаат дека на се што почнувам, се посветувам максимално и одам до крај. Моето мото е, кога веќе правиш нешто, макар и рутински, нека биде како што треба. Беспрекорно, нагласува Петрушева.
Во нејзината кујна може да се подготват и колачиња за првото запче, за дипломски прослави, за свадби, за новороденчиња (бебешки колички, лигавчиња). Тука се и светот на Дизни (Мики и Мини), Рудолф, Ана и Елса, супер херојот Капетан Америка, дури и беџови од рок и хард рок бендови. Има и колачиња во облик на Црвен крст, срциња со ЕКГ, цркви, џамии, крстови и полумесечини. Се по желба на клиентите.
-При подготовката на најразличните облици, сфатив дека ќе ми бидат потребни модли кои тука, кај нас, тешко може да се најдат. Исто беше и со боите за готвење, со шприцовите за цртање. Поради тоа, со ќерката моравме да одиме до Србија и Грција, а и нарачав нешто и на братучетка ми која живее во Шведска, истакнува Снежана.
Таа од хоби се занимава и со поставување „шеќерни маси“ за родендени на дечиња. И тука е докажан мајстор.
-Се што правите, треба да е со љубов. Не сум ја открила сé уште тајната на успехот, но верувам дека е тоа. Тука, секако, е и огромната поддршка од семејството кое е врпочем и директно вклучено во подготовката на колачите, вели Снежана Петрушева.