Славете го 8 Март
Само вие славете го 8 Март, имате и што да прославувате. Убиства и самоубиства на жени, на нивните деца, жртви на системот кој секојдневно ги убива.
Онака како што системот ја покоси последната жртва на семејно насилство Ивана Јовановска и нејзината ќерка Катја, младата велешанка Росица Коцева и нејзиниот татко Киро, 63 млади луѓе во Кочани, 16 луѓе загинати во Ласкарци со “Дурмо Турс”, 14 жртви во тетовската болница. И уште многу жртви кои системот ги скрил, ги закопал за никогаш да не бидат откриени и откопани тајните на тој систем кој нема име и презиме, ниту професија, уште помалку функција, службена должност, законска одговорност.
Системот нема лик, ниту магловити обриси, никој не го видел, ниту чул за него. Не го познава никој и затоа и се извлекува со години, децении, како векови да поминале, а ништо не се сменило. На системот му се плашат, за него зборуваат тивко и мрморат, се вртат постојано да не ги чуе никој, тогаш кога ќе се осмелат да проговорат. Ама никој не може да ги чуе, жртвите се веќе заборавени, избришани од сеќавањата, бледи сенки кои системот ги поклопил, се надвиснал над нив за да не остане трага ниту од жртвите, ниту од злосторствата на тој систем.
Системот им носи несреќа на луѓето кои живеат во оваа земја, а во исто време среќа на партиските војници кои го произвеле тој систем. Тие се креаторите на сѐ што функционира само за нив и на сѐ што е уништено за сите останати, надвор од нивниот систем. Изгледа како совршена машинерија тој партиски систем, како мелница на месо, на живо месо на сите што не успеале во него да се протнат, или пак одбиле да бидат макар негово штрафче, зрнце кое покренува лавини кои го затрупуваат светот во кој имаме несреќа да живееме.
Досега оваа власт можеше да направи барем мало прочистување на тој систем и да го претвори во конкретни имиња на виновниците, креаторите и одржувачите на тој систем, наместо да произведува имиња на нови и нови жртви, чиј крај одамна не се гледа.
Затоа, на 8 Март кренете ја чашата во име на сите жртви, знајни и незнајни, а потоа истурете си ја врз глава, не за да се освестите, тоа тешко дека ќе може да се случи, не бидете наивни, вие невините, кутри, несвесни за сите околу вас, освен за себе. Полијте се не за да продолжите понатаму со животот, такви покиснати и засрамени, ниту тоа нема да заврши така. Чисто посипете се, без да ја разберете причината, затоа што така и животот така ви поминува, без да дознаете зошто сте тука воопшто, на Земјава, која којзнае зошто ве одржува во живот, ве крепи, кога сите останати животи за вас се безвредни и безначајни, наместо да биде обратно. За жал, така било отсекогаш, така и ќе заврши сѐ.






