Следните три дена три музички настани во организација на „Авалон“
– Три музички настани во следните три дена во Скопје во организација на Авалон продукција. Утре ќе се одржи концерт на „Електрични оргазам“ на стадионот на АРМ. В сабота, домашни музичари ќе ја забавуваат публиката на фестивалот „Скопје колинг“, а неделата е отстапена за Бајага и инструктори, информираа организаторите.
– „Скопје колинг“ прв пат собира македонски артисти. Најдоброто од македонските бендови. Се надеваме дека ќе биде во најдобар ред, ќе биде многу добро, дека ќе има многу публика, бидејќи интересот за овој фестивал е многу голем, изјави Ивана Нолчевска од Авалон продукција.
– Многу ми е мило што се собравме тука и се прават усилби да посвириме малку, да не се заборавиме. Тешка е ситуацијата. Се прави некој баланс меѓу економијата и здравството. И без едното не се живее и без другото. Но, не се живее и без култура. Колку за некој е излишна и непотребна културата, а ние заедно со публиката треба да докажеме дека е многу важна, рече Бранко Николов, пејачот на „Фолтин“.
Претставниците на „Ласт експедишн“ најавија дека по долга пауза се враќаат со нов материјал и дека дел од еден нивен спот е снимен за време на полициски час.
Лука Ѓоргиевски од „Фанк шуи“ рече дека му е мило што сцената ќе ја дели со луѓе со кои почнал да свири во „мислите“, на чии песни ги доживеал првите љубови.
„Фолтин“, „Ласт експедишн“, „Фанк шуи“ се дел од групите кои ќе настапат на петтото јубилејно издание на фестивалот „Скопје колинг“, што ќе се одржи на 12-ти септември на стадионот на АРМ.