Словачката претседателка одби да именува „неверник“ во климатските промени за министер за животна средина 

Доколку сака да ја претставува својата земја на средбата на Европскиот совет на 26 и 27 октомври, мандатарот за состав на новата словачка Влада, Роберт Фицо ќе мора да предложи нов кандидат за министер за животна средина, откако претседателката на Словачка, Зузана Чапутова го одби сегашниот предлог за прв човек на овој ресор Рудолф Хулиак, објави „Еурактив“.

Хулиак, кој е кандидат за министер на предлог на неговата десничарската Словачката национална партија (СНС), е познат по тврдењата дека климатските промени се измислени за да им се одземат автомобилите на луѓето, кој поборниците на зелената транзиција во ЕУ ги нарече „бриселски еко-терористи“ и кој бараше бесење на еколошките активисти. Меѓу останатото, тој има изјавено дека лично ќе ја посети Русија и „ќе побара прошка“ за досегашната политика на Братислава, често е обвинуван за ширење дезинформации на социјалните мрежи и е познат по нападите врз ЛГБТ+ заедницата.

Во образложението на својот став, Чапутова изјави дека не може за министер за животна средина да именува „кандидат кој долго време го негира научниот консензус за климатските промени и вели дека нема вистинска климатска криза“.

Според професорот по уставно право на Универзитетот „Матеј Бел“, Камил Бараник, Уставот на Словачка не ја обврзува Чапутова да ја прифати номинацијата на Хулиак и ако Фицо сака да биде именуван за премиер, ќе мора на претседателката да достави предлог листа за членови на владата што за неа би биле прифатливи.

– Ако сака да го испочитува рокот, треба да соработува, изјави Бараник. Чапутова додаде и дека „нема проблем со ниту една од другите номинации“, со што сопартијката на Хулиак, Мартина Шимковичова останува кандидат за министерка за култура, иако работи за медиум кој често е обвинуван за ширење дезинформации. Шимковичкова претходно беше отпуштена од работа од најголемата словачка телевизија ТВ Маркиза, поради расистички изјави против мигрантите за време на мигрантската криза во 2015 година.

И додека кандидатите за министри на СНС се објавени, Фицо одбива да ги обелодени предложените членови на владата од неговата популистичка партија Насока – Словачка социјална демократија (СМЕР-ССД).

Сепак, дел од словачките медиуми, објави дека кандидат за министер за надворешни работи е потпретседателот на СМЕР-ССД, Јурај Бланар, кој во своите јавни настапи војната во Украина ја оквалификува како „конфликт меѓу САД и Русија“ и според кого, санкциите на ЕУ кон Москва „мора да се преоценат“.

Фицо одби да ги потврди информациите дека Бланар е кандидат за шеф на дипломатија, но нагласи дека за таа позиција барал „неконвенционален кандидат за да го растресе Министерството“.

Back to top button
Close