Случај ,,Талир 2″: Денеска ќе има пресуда за партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, случајот застарува за еден месец
Денеска, во 11 часот, во Кривичниот суд ќе треба да биде соопштена пресудата за случајот ,,Талир 2″, предмет во кој е обвинет екс премиерот Никола Груевски за незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој судски процес трае повеќе од шест години, а истрагата беше отворен уште во времето на СЈО. Но она што е значајно е дека случајот застарува за еден месец, односно во август. Доколку дотогаш нема и правосилна пресуда од Апелација (рок кој е речиси невозможно да се стигне), тогаш првостепената пресуда, без разлика каква и да биде, пропаѓа.
Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Кирил Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ или „Белата палата“, е со инвестициската вредност од 7 милиони евра, а со сегашна пазарна цена од над 14 милиони евра, а во случајот е замрзнат и друг партиски имот во вредност над 2 милиони евра






