Сметката за лажниот патриотизам ќе биде висока

Притисокот за прием на мигранти значи дека македонската Влада на потешкиот начин учи дека не е „in“ да си „out“ и дека Македонија надвор од ЕУ е опција со ризик. Соња Крамарска

Без разлика што премиерот Христијан Мицкоски демантира, од она што може да се прочита во британските медиуми, Лондон има сериозна намера да го наплати стратешкото пријателство со Северна Македонија преку дислоцирање на мигранти. Дискусиите што се водат во Велика Британија не се туку-така покренати ниту пак се за „домашна употреба“ како што велеа претставници на ВМРО-ДПМНЕ, туку се за очигледна домашна потреба богатата и развиена држава да се ослободи од товарот што може да го предизвикаат одбиените баратели на азил. И очекувано, за следна дестинација се избираат сиромашни и неразвиени држави како што е Македонија со гладен народ и уште погладна власт за бесконечно владеење.

Ако го следиме развојот на настаните околу тоа прашање преку странски медиуми, јасно е како бел ден дека не само Велика Британија туку и целата Европска Унија бара начини, културно кажано, да го намали притисокот од мигранти на нивните граници. Се разбира притоа се обидува да склучи аранжмани со држави кои се ни ваму ни таму, држави тргни-застани како што е нашата, држави на кои поради немаштијата е лесно да им се крши отпорот.

Како што јави Еуроњуз во понеделникот (08.12), европските земји одобрија нацрт-закон за воведување центри за враќање на мигранти во земји кои не се членки на ЕУ. Според предлогот, земјите-членки на ЕУ би можеле со билатерални договори да враќаат нерегуларни мигранти во трети земји кои не се поврзани со нивното потекло. Центрите можат да бидат или места на транзит или локации каде што се очекува лицето да остане. Крајната цел е забрзување на депортацијата на мигранти надвор од ЕУ.

Притисокот ќе расте

Тоа со сигурност значи дека Северна Македонија ќе биде изложена на притисок да прифаќа мигранти и дека тој притисок ќе расте. Затоа што е една од неколку држави на европскиот континент која е надвор од ЕУ. Тоа е судбината на држави кои не успеале да се придружат на блокот, и судбината на влади и шефови на држави кои се занесуваат дека ќе диктираат услови на моќни организации. И тоа е сметката што ќе биде наплатена за лажниот патриотизам кој блика од „Илинденска“ додека државата тоне и го губи фокусот и перспективата.

Тоа е и цената што се плаќа кога државата не е на масата каде што се носат одлуките туку и ги соопштуваат отпосле. На раководството останува дали ќе го прифати стапот или морковот. За жал, македонската Влада на потешкиот начин ќе научи дека не е „in“ да си „out“. И дека секое натамошно одолговлекување на исполнување на условите од преговарачката рамка, ќе биде на штета на земјата и на нејзините граѓани кои сонуваат за подобар живот и европски стандарди во функционирањето на институциите.

Од досегашната владина политика е јасно дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и актуелен премиер Мицкоски се плашат дека ќе платат политичка цена ако ги внесат Бугарите во Уставот, но им е прифатливо цената за застојот на евроинтеграцијата да ја платат граѓаните. Затоа што тоа ќе биде така на крајот. Сторителите ќе се извлечат, а други ќе заглават.

Послабата алка на континентот

Европската унија во моментов има два горливи проблеми. Едниот е војната во Украина, а другиот е напливот на мигранти. Во периодот што претстои Унијата целиот потенцијал ќе го насочи кон барање решенија за овие проблеми. Доìдека за Украина се вклучени и САД, за мигрантите излезот го бара само ЕУ и притоа е логично да проектира планови во кои се вклучени и земјите аспиранти за членство. Тие се послабата алка на европскиот континент. Оттука секоја одговорна влада треба да има предвид дека сѐ додека државата е надвор од блокот, ќе биде ранлива на геополитичките потреси и ќе биде дел од резервните планови на големите земји не само од ЕУ туку и други.

Така некако и дојдовме до приказната за дислокација на мигранти од Велика Британија во Македонија. Ирелевантно е дали се Македонците ксенофоби, впрочем тоа истото може да се каже и за оние нации кои сакаат да се ослободат од несаканите мигранти. Поважно е дали нашата држава има економски, социјален, културен и безбедносен капацитет да управува со таков чувствителен процес. Искуството досега покажа дека во Македонија нема доволна безбедносна дисциплина ниту кај институциите ниту кај граѓаните која може да биде норма и за доселеници од земји со различна култура. Кои патем сонувале за живот во богата и просперитетна земја.

Вестите што дојдоа од Велика Британија и бурата што се крена во јавноста, го принудија Мицкоски да рече дека додека е тој премиер нема да прифати мигранти од Велика Британија. Меѓутоа вистинското прашање не е тоа, туку како Македонија да излезе од зоната на ранливост и од зависност од странски пари кои можат да диктираат и такви процеси како што е прием на мигранти. На кои Лондон со причина им одбил азил./dw

Back to top button
Close