Со 4,5 килограми кокаин уапсен и Дарко Голубовски – Кнеле, дел од мрежата на Штекли

Во полициската акција се запленети околу четири и пол килограми кокаин, а како еден од осомничените е идентификуван токму Голубовски, жител на Керамидница, познат во скопските кругови како Кнеле.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, објави дека со оваа акција, групата околу Штекли се проширила со уште двајца нови членови, кои сега се наоѓаат во притвор во Шутка.

 

– Одземени се над 4 килограми кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со Јавниот обвинител, продолжуваме со активностите против оваа криминална група. По само нецел месец од претходната акција, повторно запленивме значителна количина дрога од истата банда. Борбата против недозволената трговија продолжува – нема непобедливи криминални структури – изјави Јанев.

Според информациите од ОЈО Скопје, по анализа на материјалните и видео докази собрани при претресите на 18 и 19 јануари, од слобода биле лишени две лица, меѓу кои и Голубовски.

Истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика откриле дека првоосомничениот, приведен во Гевгелија, сокрил 3,5 килограми кокаин во бункер на патничко возило.

„При дополнителни претреси во домовите на приведените, пронајден е уште еден килограм кокаин. Обвинителството издаде наредба за истрага и побара притворски мерки од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје“, информираат од ОЈО.

Во скопските кругови, Дарко Голубовски важи за контроверзна фигура која редовно се движи во криминални друштва.

 

Back to top button
Close