Со демонстрации одбележен 65-от роденден на лидерот на воената хунта во Мјанмар

– Илјадници демонстранти денеска излегоа на улиците низ градовите во Мјанмар за 65-годишниот роденден на лидерот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг да протестираат против неговото воено владеење.
Протестите против војската траат со месеци, од воениот удар на 1 февруари со кој беше соборена демократски избраната цивилна влада на Аунг Сан Су Чи и се укина демократската транзиција на Мјанмар од претходната хунта.
-Ние сакаме тој да умре и неговата душа да замине во пеколот, изјави Кјав Мин, демонстрант од најголемиот град во Мјанмар, Јангон, пренесе ДПА.
На протестите во градската населба Инсеин демонстрантите палеа слики од Мин Аунг Хлаинг.
Илјадници коментатори под вестите на локалните медиуми за неговиот роденден ја насочуваа нивната омраза кон Хлаинг, неговото семејство и неговите следбеници.
Во градот Мандалај, во државата Кајах и низ другите места во цела држава, демонстрантите палеа лажни ковчези и фотографии од Мин Аунг Хлаинг на исцениран погреб.
Неколку дена по пучот, воената хунта предводена од Мин Аунг Хлаинг ја укина старосната граница од 65 години за армискиот командант и неговиот заменик со што им се овозможи да остане на власт подолго од претходно пропишаниот лимит.






