Со изложбата „Помеѓу надеж и страв“ на Јанешлиева ќе биде отворен македонскиот павилјон во Венеција

Со изложбата „Помеѓу надеж и страв“ (Inter spem et metum/Between hope and fear) на уметницата Славица Јанешлиева, денеска во во Скуола деи Ланери, католичката школа од 16 век во Венеција, официјално ќе биде отворен македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале. Годинашното биенале го курира Антонио Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде.“

Носител на проектот е Национална галерија на Република Северна Македонија. Комесар е Дита Старова-Ќерими, а куратор е Адриано Педроса.

-Mожеме ли зборот „убавина“ да го замениме или израмниме со зборовите почит, слобода, љубов, толеранција, прифаќање? Можеме ли да прифатиме некого поради сето она што тој/таа/тоа е и затоа што го познаваме суштински, соопштија од Националната галерија.

Како што посочуваат, трансмедијалниот и транснаративен проект „INTER SPEM ET METUM” на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која не флра во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин.

-Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева не впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде не соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа не соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување, се додава во соопштението.

Сепак, потенцираат, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта која е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање кои се различни причини од кои може да се црпи инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува.

Проектот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Back to top button
Close