Со „Каде припаѓаме?“ почнува августовската филмска програма на Кинотека

Документарниот филм „Каде припаѓаме?“ на швајцарската режисерка Жаклин Цинд на трети август ќе биде прикажан во Кинотека. Со овој филм почнува августовската филмска програма на Кинотеката.

Се работи за поетска приказна за тоа како младите се справуваат со разделбата на нивните родители. Покрај режијата, и сценариото е на Жаклин Цинд. Во филмот играат Карлтон Гогел, Шеразаде Гогел, Томанс Курман…

Од Кинотека информираат дека нема подобар месец во годината создаден за патување од август, не само географски, туку и низ целолуидниот лавиринт. Фестивалот на неми и класични филмови на Кинотеката, како што се наведува, избра неколку наслови за августовската програма кои биле особен целулоиден печат на своето време, а денес ги гледаме во „блу-реј“ формат.

Во рамки на августовската програма на Кинотеката, ќе бидат прикажани играните филмови „Брат ми брка диносауриси“ во режија на Стефано Ципани, „Проксима“ според сценарио и режија на Алис Винокур, „Крадци“ во режија на Хироказу Корееда, „Хаос“ во режија на Надин Лабаки.

На 10 август во 20 часот ќе биде прикажан нашиот документарен филм „Тајните филмски архиви на градот – втора приказна“. НУФЦ „Вардар Филм – Скопје“ и Катерина Габунија, како автор на проектот, ја реализираа и втората сезона од проектот наречен „Тајните филмски архиви на градот“, со подршка на Град Скопје и во соработка со Кинотеката. Проектот се состои од прибирање на осум милиметарски ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали. На овој начин, како што се наведува, тие ќе ги зачуваат своите спомени и ќе бидат дел од втората приказна на Тајните архиви.

Филмската лента има свој „век“ на траење и единствен начин да се зачуваат материјалите би биле преку дигитализација. По процесот на дигитализација, се преминува кон монтажа на краток документарец за Скопје. Целта е да се соберат материјали на кои моќе да се види Стара чаршија, Кале, Кермес, Дебар Маало, да се ѕирне во приватниот, интимнинот живот на граѓаните на Скопје од пред 30, 40, 50 години…

Граѓаните кои имаат снимени аматерски филмови на осум милиметарски ленти ги предаваа своите материјали во „Вардар Филм“, а потоа преку изборот на Катерина Габунија, тие беа дигитално обработувани во Кинотеката. Тон-мајстор е Сашко „Потер“ Мицевски, а наратор Дарко Ристевски. Филмот е за сите возрасти, а влезот е бесплатен.

Со прикажувањето на филмот „До последен здив“ во режија на Жан-Лик Годар на 10 август, во 21 часот, почнува Фестивалот на неми и класични филмови на Кинотеката.

Ќе бидат прикажани филмовите „400 удари“ во режија на Франсоа Трифо, „Филмски новости: Приказни од Македонија“, „Маре“ во режија на Андреа Штака, „Еден човек и една жена“ во режија на Клод Лелуш, „Звенигора“ во режија на Александар Довженко, „Арсенал“ во режија на Александар Довженко, нашиот документарен филм „Галичник“ во режија на Сифрид Миладинов.

Кинотека соопшти дека „Галичник“ е еден од бисерите на кинотечниот архив. Овој филмски, етнографски и историски раритет е снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор, од страна на Сифрид Миладинов – кумановец, професионален фотограф и филмаџија-аматер, човек со многу интереси.

-Во 16 кратки, но скапоцени минути ќе погледнете како изгледале Галичник, Галичката свадба и нашите предци пред 80 години, и тоа низ кадри во боја, што било многу ретко за тоа време. Можеби некој од Вас и ќе си препознае прадедо, пра-прабаба, стара семејна куќа, носија, сокаче, порта. Филмот на Миладинов е посебна можност да погледнете во минатото преку автентични, оригинални снимки, иако се без звучен запис. На семејството Миладинови од Загреб, потомците на мајстор Сифрид, им благодариме што пред повеќе години го депонираа овој нем филмот во нашиот национален филмски архив – Кинотеката, се вели во соопштението од Кинотека.

На 16 август, во рамки на Фестивалот на неми и класични филмови ќе биде прикажан играниот филм „Земја“ во режија на Александар Довженко. Ќе бидат прикажани и филмовите „Со Грците на огнената линија“ во режија на Роберт Швобталер, филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ на авторот Никола Кнежевиќ, музички уредник во „Кроација рекордс“, Небесна тема“ во режија на Младен Матичевиќ, нашиот документарен филм „Кеиф“ во режија на Блаже Дулев. Сценариото е на Ристо Солунчев,  а учесници се Боривоје Џимревски, Душко Димитровски, Симон Шахин, Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Тасо Велешка Чалгија, Димо Дулот, Вефки Амедов, Раим Баки, Џенгис Ибраим…

Документарниот филм „Среќно дете“ во режија и според сценарио на Игор Мирковиќ е предвиден за 20 август. Следниот ден ќе биде прикажан документарниот филм од Словенија, „Музиката е уметност на времето 2: ЛП филм Булдожер – „Плукни ѝ на вистината в очи“, потоа „Музиката е уметност на времето 3: ЛП филм Лајбах“…

Back to top button
Close