Сојузен судија од Калифорнија привремено ги блокира луѓето на Трамп во обидите за масовни отпуштања
Сојузен судија во Калифорнија синоќа привремено ја блокираше администрацијата на Трамп да им наложи на американското Министерство за одбрана и на другите агенции да спроведат масовни отпуштања на илјадници неодамна ангажирани вработени.
Окружниот судија Вилијам Алсуп во Сан Франциско за време на сослушувањето рече дека Канцеларијата за управување со персонал на САД (ОПМ) нема овластување да им нареди на федералните агенции да отпуштат кој било работник, вклучително и работниците на пробна работа кои обично имаат помалку од една година искуство.
Алсуп му нареди на ОПМ да го поништи меморандумот од 20 јануари и е-поштата од 14 февруари во која се упатуваат агенциите да ги идентификуваат вработените на пробна работа што треба да бидат отпуштени.
Алсуп рече дека не може да му нареди на самото Министерство за одбрана, кое денеска се очекува да отпушти 5.400 вработени на пробна работа, како и на другите агенции да не отпуштаат работници бидејќи тие не се обвинети во тужбата поднесена од неколку синдикати и непрофитни организации.
Но, тој посочи дека масовните отпуштања на вработените во федералните служби што започнаа пред две недели може да предизвикаат значителна штета, вклучително и „кратење“ на националните паркови, научните истражувања и службите за ветерани.
-Работниците на пробна работа се крвотокот на нашата влада. Тие доаѓаат на пониски нивоа и напредуваат. Така ние се обновуваме, рече Алсуп.
Британските медиуми пренесуват дека администрацијата на Трамп тврди дека со споменатиот меморандум и е-пошта само побарале од агенциите да ја анализираат нивната работна сила на пробна работа и да одлучат кој потенцијално би можел да биде отпуштен, без да побараат од нив да направат ништо.
Но, судијата рече дека е малку веројатно дека речиси секоја федерална агенција одлучила сама да го десеткува својот персонал. „Не верувам во тоа“, рече Алсуп.