Сојузот на борци Тетово бара да се отфрли предлогот на ДУИ за преименувањето на улиците

Сојузот на борци Тетово реагира на иницијативата на ДУИ за преименувањето на улиците, по решението на Уставниот суд да ја укине одлуката од 2007 година, кога беше направена промена на имињата на повеќе улици, како и на централниот градски плоштад од „Маршал Тито“ во „Илирија“. Во отсуство на соодветни реакции, од како што се наведува во соопштението, државните институции и македонските политички партии, се испраќа јавна осуда и револт во однос на предлогот на ДУИ доставен до Општина Тетово на 08.07.2026.
Секое именување на инфраструктурен објект мора да се гради низ официјалниот македонски историски наратив, а не истиот да се стави во сенка на нечии романтичарски, политички или популистички желби, велат од Сојузот на борци Тетово.
„Сите да знаат дека 2026 година не е 2007 година. Револтот од сегашноста го надмина стравот од минатото кај граѓаните на Тетово, па денес никој нема да молчи. Ниту еден обид за историски ревизонизам, за оживување на поразените сили, за рехабилитирање на поединци дел од антидржавни проекти, движења и организации од било кој историски период, за промовирање на фашизмот и балистичките фашисти, за истакнување на терористи, озогласени злосторници кои кренале рака на народот и државата нема да помине. Исто така, во унитарната Македонија, каде рамноправно живее македонскиот народ со граѓаните од албанска, српска, турска, ромска, босанска и друга припадност, притоа градејќи ја македонската нација во современа, демократска и суверена држава, именувањето на улици во градот Тетово, со име на поединци со заслуги кои не се врзани со македонската нација, немаат универзално значење, туку се тесно врзани со историјата и општествените текови (или само со нивното еднострано толкување) на други држави и региони како Албанија, Косово и слично, не е прифатливо“,
се наведува во соопштението.
Во реакцијата ги повикуваат Владата и членовите на Советот на Општина Тетово да го отфрлат предлогот на ДУИ.
„По целосното разобличување, упатуваме порака до Владата и до советниците во Советот на Општина Тетово, да покажат дестоинство и интегритет, да отфрлат секаков предлог кој само значи легализирање на големоалбанскиот национализам, сепаратизам и бализам“
додаваат од Сојузот на борци Тетово.
На денешната седница на Советот на Општина Тетово , членовите од ДУИ ја напуштија седницата откако не им беше прифатено барањето – прва точка на дневниот ред да биде преименувањето на улиците. Иако иницијативата да се расправа на оваа тема доби поддршка од 22 советници, претставниците на ДУИ, револтирани со транспаренти во рацете и обвинувања за опструкции, излегоа од салата.
Уставниот суд на 17 јуни со мнозинство гласови ја укина одлуката со која во 2007 година, во Тетово, беше извршено преименување на повеќе улици, мостови и плоштади и други инфраструктурни објекти.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста ја поднесе тетовскиот Сојуз на борците од НОБ во февруари 2025 година.






