Со “Заветна” полесно се дише

Кога ја имате “Заветна”, сѐ е полесно. Дишете отров во Скопје, па што? “Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации. Од загаден воздух биле 30 проценти од смртните случаи, покажале анализите на Институтот за јавно здравје.

УСЈЕ не е единствениот загадувач, знаете ли колку фабрики ни ја потпишуваат смртта, резигнирано и разочарано констатира новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Ништо нема да може да нѐ сотре, господине мој, “Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат”. Ние сме неуништливи, бесмртни, вечни, само нека свири “Заветна”.

 

Од 1. јануари поскапи и здравствените услуги – специјалистички преглед од 380 на 720 денари. Никој ништо не ни може, запејте ја “Само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш”.

 

Струјата поскапува, цените на храната дивеат, никогаш нема доволно да потонеме, затоа, ајде да зборуваме за убави работи, затоа што “Векови пеколни заедно ќе минеме, древна земјо македонска.”

 

Кумановци протестираат затоа што им земаат данок уште од 2020 година, не им признаваат двојно оданочување, ниту документи дека не живееле во земјава во периоди кога сега ќе бидат одерени, но она што ги сплотува и ги држи во живот е поезијата, траорот на стиховите, љубовта кон оваа земја. “Така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене, јас без тебе”.

 

Младите, старите, децата, бебињата, сите се враќаат во земјава, затоа и премиерот Мицкоски потресено им порача-“каменот кога ќе се врати на своето место тежи најмногу. Сите добро знаеме дека иселениците се спремни тука да живеат само од “Заветна”, од љубовта кон оваа карпа од земја, а дотогаш, додека не се вратат, слободно нека останат предавници, ѓубриња неблагодарни, нека им служат на чест стиховите: “Може да те одречат, други да те предадат, можат сешто да измислат.”

 

Само “Заветна” ќе ни остане на крајот на овој пат, жив кал од земја, дупка без дно, но ајде, ајде да збориме за убави работи, свиретe им ја “Заветна”, овој народ од таа песна живее, се грее, прогледува, проодува, “ама полека, дуњо моја, нека заѕвонат тамбурите во транс”. И “никому не му раскажувам за тоа”.

Биљанa Секуловска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close