Собранието расправа за реконструкцијата на Владата: власта најавува засилени реформи, опозицијата обвинува за неуспех

Собранието попладнево ја продолжи расправата за Предлогот за реконструкција на Владата, на која што власта и опозицијата разменија меѓусебни обвинувања за досегашното владеење, кадровските решенија и политики.

Во обраќањето, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со, како што рече, наводите за „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни аршини во односите со лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, додека биле на власт.

– Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоиљковиќ? Е, оваа Влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоиљковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на Владата којашто ја предводам јас – рече Мицкоски.

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање ги критикуваше досегашните политики и истакна дека предложената реконструкција не носи реални промени.

– Реконструкцијата сама по себе е признание дека Владата не испорача резултати. Внатрешни работи, одбрана, финансии, надворешни работи и образование остануваат во исти раце. Само се вртат столчињата за да се создаде впечаток дека нешто се менува. Ниту една сериозна реформа не е направена, ниту еден крупен проблем што ги мачи граѓаните не е решен. Само се прераспределуваат министерските фотелји меѓу истите луѓе и нивните сателити. Претседателот на Владата го префарба истиот криминален систем за да може уште некое време да го одржува на власт. Македонија не може да оди напред со стара влада во нова амбалажа. Реконструкцијата не е нов почеток, туку континуитет на процесот кој веќе две години ја турка државата во погрешна насока. Театарот е ист, маките се исти, само оделата се нови – рече Тренчевска.

Пратеникот Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ возврати на опозициските критики, нагласувајќи ја довербата во новите кадровски решенија и работата на Владата.

– Сметам дека оваа реконструкција како што кажав е храбар чин а и визионерски чекор на претседателот Христијан Мицкоски. Избрани се лица коишто ќе бидат министри до крајот на овој мандат, коишто се силно докажани во секој во својот ресор и знам дека со нивната умешност, образование и искуство ќе дадат голем придонес во унапредувањето на политиките на владата. Еден дел од почитуваните кандидати за министри ги познавам и лично и знам дека и сигурен сум дека ќе дадат свој максимум во тоа да испорачаат подобри услови за живот на граѓаните на Република Македонија – посочи Велјановски.

Сања Лукаревска од СДСМ, пак, ги анализираше биографиите на кандидатите за министри изразувајќи сомнеж за нивните компетенции, особено во делот на земјоделството.

– Добиваат Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, и добро е што досегашниот министер Цветан Трипуновски си оди, но воопшто не е добро што од вечерва ќе го води човек кој ништо, ама баш ништо нема поврзано со земјоделието. Еве, во биографијата стои дека е доктор по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис-менаџер и дипломиран дефектолог. Дел од претходните титули се добиени во Бугарија, дел тука. Дипломиран дефектолог по дефиниција е стручњак, научник специјализиран за соодветна област, а овде имаме профили за одбрана, национална безбедност и мир. И не знам каква врзна точка има тоа со земјоделието. Ова е навистина погубно за овој сектор. Единствено позитивно се публикациите кои стојат во неговата биографија во делот за лидерството како вештина, влијанието и улогата на лидерот во тимот. Значи, тој ќе биде успешен лидер согласно овие публикации, меѓутоа на непознат терен – рече Лукаревска.

Поддршка за реконструкцијата на Владата изрази пратеничката Весна Бендевска од Движењето ЗНАМ, која истакна дека државата бара сериозни реформи и посветеност.

– На крајот на денот, сакам како потпретседател на Движењето ЗНАМ да кажам дека ќе дадеме апсолутна поддршка за оваа реконструкција. Нашите очекувања се големи, но ние знаеме дека со напорна работа, чесна работа и со многу љубов за оваа држава, она што ѝ недостигаше на Македонија во последните седум години пред 2024 година, можеме заедно да успееме. Така што, со среќа нека им е на новите членови на Владата – истакна Бендевска.

Пратеникот од СДСМ Миле Талески истакна дека предложената реконструкција е олицетворение на елементарната непогода којашто ја зафати Македонија под водство на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

– Две години Влада под раководство на Христијан Мицкоски не само што не промени ниту еден потег, не само што не направи ниту еден чекор, не само што не направи ниту една реформа, не само што не ги донесе европските стандарди тука, туку нè врати цела деценија назад. Нè врати во времето на Никола Груевски, во времето на заробената држава, во времето на комплетна изолација и уништен стандард за граѓаните. Ги осиромашивте граѓаните, ги пониживте граѓаните, ги поништивте земјоделците – рече Талевски.

Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изрази уверување во капацитетите на кандидатот за министер за социјална политика, демографија и млади,

потенцирајќи ја неговата професионалност.

– Убедена сум дека неговото искуство, професионалност и човечки пристап ќе бидат значајна додадена вредност за министерството, особено во областите на социјалната заштита, демографијата и младите. И верувам дека токму со таков пристап ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните со јасна визија, чувство на одговорност и посветеност кон резултатите – рече Ангелова.

Од Европскиот фронт, пак, беше оценето дека кадровските промени нема да бидат доволни доколку не се променат владините политики, при што беше изразена загриженост за состојбата со правичната застапеност, институционалната застапеност во средините со мнозинско албанско население и застапеноста на жените во Владата.  

Back to top button
Close