Собраниската комисија денеска предлага нови членови на Антикорупциска
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да го соопшти предлогот за нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца. На дневен ред на седницата се наоѓаат и повеќе други кадровски и организациски точки.

Според документот објавен на веб-страницата на Собранието, прворангирана за нов член на ДКСК е Катерина Зајковска, која освоила 90,67 бодови. Комисијата за селекција оценила дека таа има големо искуство во борбата против корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија за идната работа на Антикорупциската комисија.
На второто место е Милка Муратовска, додека зад неа се рангирани Тања Левајковиќ и Владимир Клековски.
За членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца се пријавиле Невена Петровска, Димитар Каракулев, Наташа Георгиева, Зоран Киткањ, Елена Георгиевска и Елена Мујоска Трпевска.
Комисијата ќе расправа и за измени во составите на собраниските комисии по барање на ЗНАМ, како и за одлуките поврзани со пратеничките групи за соработка со парламенти на други држави.
На дневен ред се и предлог-одлуки за разрешување и именување претседатели и членови на одборите за доделување на државните награди „Мајка Тереза“, „22 Ноември“ и „Св. Климент Охридски“






