СОНК и Владата ќе имаат нова рунда преговори во понеделникот, најави Неделков
Досега, според него, нема конкретен одговор од Владата и ресорните министерства, освен тоа дека има криза и дека во овој момент е тешко да се одговори на барањата на синдикатот. Ова, според Неделков, е неприфатливо бидејќи кризата влијае врз семејниот буџет на сите
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков вели дека штрајкот најавен за 11 април ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања, но дека е недозволиво тие барања да бидат задоволени дури со проектирање на буџетот за 2023 година.
Нова рунда разговори со Владата, како што изјави тој вечерва на ТВ Сител, е закажана за понеделник кога се надева дека владините претставници ќе излезат со одредена понуда.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно за 18,4 проценти да се зголемат платите, за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
„Ние сме за дијалог. Тоа сме го покажале и докажале досега. Уште пред четири години баравме со континуираното зголемување на минималната плата, да се усогласат и останатите плати. Четири години молиме да се надмине оваа состојба“, рече Неделков во централниот дневник на ТВ Сител.
Досега, според него, нема конкретен одговор од Владата и ресорните министерства, освен тоа дека има криза и дека во овој момент е тешко да се одговори на барањата на синдикатот. Ова, според Неделков, е неприфатливо бидејќи кризата влијае врз семејниот буџет на сите.
Претседателот на СОНК не конкретизираше колку би чинело барањето за зголемување на платите, но смета дека е оправдано и дека ќе има фидбек затоа што, како што посочи, вработените се крајни немотивирани и имаат најниски примања во јавниот сектор.