Сопругата и двете деца на аргетински фудбалер пронајдени мртви под урнатините во Венецуела

Сопругата и двете деца на аргентинскиот фудбалер Лукас Трехо се пронајдени мртви под урнатините по разорните земјотреси што ја погодија Венецуела, потврдија спасувачките служби по исцрпувачка потрага што траела 74 часа.
Венецуела во средата беше погодена од два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени. Според досегашните официјални податоци, во оваа природна катастрофа загинале најмалку 1.430 лица, а бројот на жртвите и натаму расте.
Трагичната вест за семејството на аргентинскиот дефанзивец прв ја објави семеен пријател и поранешен фудбалер, Едсон Тортолеро. Тој на својот профил на Инстаграм потврди дека спасувачите ги извлекле телата на сопругата на Трехо, Јанина Маранела, како и на нивните две деца – Арон и Аиноа.
„Ја информираме јавноста во Венецуела и Аргентина дека членовите на семејството на Лукас Трехо се пронајдени без знаци на живот. Ви благодариме на сите за поддршката и ве молиме за максимално почитување на приватноста на семејството во овие тешки моменти“, напиша Тортолеро.
Тажната вест набрзо ја потврди и клубот на Трехо, венецуелскиот прволигаш Маритимо де Ла Гваира. Од клубот соопштија дека потрагата по неговата сопруга и децата под урнатините траела три дена и три ноќи.
„Нашиот клуб длабоко жали за страшната загуба што го погоди семејството на Лукас Трехо. По 74 часа непрекината потрага, тие беа пронајдени без знаци на живот. Ја молиме јавноста да ја почитува приватноста на неговите соиграчи и роднини“, се наведува во соопштението.






