Сопругата на Србинот кој висеше од авионот на „Рајанер“: Реков – ако гинеме, ќе гинеме заедно

Драматичниот инцидент на летот на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, кога дел од моторот се откачил и го оштетил прозорецот на авионот, за малку ќе завршел трагично за 61-годишниот српски државјанин Љубиша Грковиќ. Додека тој и неговата сопруга Светлана мирно седеле на своите места, силен удар го скршил прозорецот до неговото седиште, по што следувала ненадејна декомпресија која речиси го извлекла од авионот.

Љубиша сè уште се наоѓа на лекување во болница во Солун и поради сериозните повреди не е во состојба да зборува. Неговата сопруга Светлана, која со голи раце го спасувала од сигурна смрт, ја раскажа драмата што ја преживеале на околу 6.000 метри височина.

– Advertisements –

„Се чинеше како дел од моторот да се скршил и да удрил во прозорецот до кој седеше мојот сопруг. За среќа беше врзан со сигурносниот појас. Кога прозорецот се скрши, настана силна декомпресија и притисокот го повлече кон надвор. Половина од неговото тело висеше надвор од авионот. Без размислување го фатив за нозете. Во тој момент помислив само: ако гинеме, ќе гинеме заедно. Тоа беше најстрашниот момент во мојот живот“, раскажува Светлана.

Во кабината веднаш настанал хаос. Маските за кислород автоматски паднале, патниците панично викале, додека дел од нив се обидувале да помогнат.

„Неколку патници веднаш ми притрчаа. Особено се сеќавам на еден маж и една жена. Тој човек многу ни помогна. Заедно ги држевме нозете на Љубиша сè додека авионот не слета назад во Солун. Мислам дека беше Албанец. Не го знам неговото име, но бескрајно сум му благодарна и би сакала повторно да го видам за лично да му се заблагодарам“, вели таа.

Во драматичните моменти сведочела и на паниката кај останатите патници.

„До нас седеше жена со дете. Беше толку преплашена што го прегрна детето со сета сила. Љубиша неколку пати ја губеше свеста додека се обидувавме да го задржиме во авионот“, додава Светлана.

По принудното слетување на аеродромот во Солун, екипи на итната медицинска помош веднаш интервенирале. Љубиша бил пренесен во болница, каде што лекарите констатирале повеќе повреди.

„Најважно ми е што е жив. Во тежок шок е и има сериозни повреди. Раката му е тешко оштетена, има и изгореници. Во моментов не може да комуницира и не се сеќава на целиот настан“, вели неговата сопруга.

По инцидентот се огласи и авиокомпанијата „Рајанер“, која потврди дека за време на летот дошло до оштетување на прозорец во патничката кабина.

„За време на летот, прозорец во патничката кабина се откачи. Авионот безбедно слета, а патниците беа вратени на терминалот. Еден патник побара и доби медицинска помош. За да се минимизира доцнењето, обезбедивме заменски авион кој ги превезе патниците до Меминген“, соопштија од компанијата.

Авионот по слетувањето бил повлечен на посебна платформа на аеродромот, каде што започнала детална техничка истрага. Надлежните служби треба да утврдат дали навистина дел од моторот се откачил и го оштетил прозорецот или причината за инцидентот била друга техничка неисправност.

Во меѓувреме, 61-годишниот Љубиша Грковиќ останува хоспитализиран во Солун, каде што закрепнува од тешките повреди и шокот, додека истрагата за една од најдраматичните авионски несреќи без човечки жртви во последно време продолжува.

Back to top button
Close