СП 2026: Аргентина и Колумбија последни осминафиналисти

Бранителот на титулата Аргентина ноќеска триумфираше над Зелено’ртските Острови со 3-2 по продолженија, додека Колумбија минимално ја совлада Гана со 1-0 во двата последни натпревари од шеснаесетфиналето на Светското првенство во фудбал.
Во прекрасен натпревар во Мајами, репрезентацијата на Аргентина многу потешко од очекувањата триумфираше над дебитантот на мундијалските турнири. Аргентинците дојдоа во водство со голот на капитенот Лионел Меси во 29 минута, но Зелено’ртските Острови го израмнија резултатот во 59 минута преку Дерој Дуарте.
И покрај бројните обиди, претежно од Меси, африканската репрезентација го издржа притисокот кон својот гол и натпреварот отиде во продолженија.
Веќе во втората минута од првото продолжение, Аргентина повторно поведе, а стрелец беше Лисандро Мартинез. Ниту повторното водство не го деморализираше дебитантскиот тим, кој во 103. минута стигна до ново израмнување со прекрасен гол на Сидни Лопес Кабрал, предизвикувајќи голема радост на навивачите на Зелено’ртските Острови на стадионот во Мајами.
Аргентина на крајот победи во 111. минута со автогол на Дини Борхес, од кого топката отскокна во мрежата по ударот со глава на Кристијан Ромеро по корнерот на Меси.
Во осминафиналето, аргентинската фудбалска репрезентација ќе се соочи со Египет, во вторник, во Атланта.
Во последниот натпревар од шеснаесетфиналето, Колумбија, бедрена од своите бројни навивачи во Канзас Сити, извојува минимална, но заслужена победа над Гана со голот на Ариас во 14 минута.
Колумбија беше доминантна во текот на целиот натпревар, во кој репрезентацијата на Гана не упати ниту еден удар кон противничкиот гол.
Колумбија ќе се соочи со Швајцарија за пласман во четвртфиналето, а натпреварот е закажан за вторник, во Ванкувер.






