СП-Обвинителката Анита Топалова-Исајловска, која бараше да падне предметот за ВМРО-ДПМНЕ, е избрана на местото на Коцевски

Обвинителката Анита Топалова-Исајловска, како единствен предложен кандидат, едногласно беше избрана на денешната седница на Советот на јавни обвинители за вршител на должност, на местото на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој минатата недела даде оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието.
Името на Топалова – Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Таа бараше Врховен да го укине решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Нејзиното образложение кое не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.
Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.
Повеќе на слободен печат.мк






