Србија евакуираше граѓани од Израел, меѓу нив и македонски граѓани

Евакуациски авион на „Ер Србија“ со 67 патници ноќеска слета во Белград, откако претходно полетал од египетскиот туристички центар Шарм ел Шеик, каде биле пренесени луѓе евакуирани од Израел поради безбедносната состојба во регионот.

Во авионот, покрај државјани на Србија, имало и граѓани на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, кои биле извлечени од подрачјата погодени од воените операции.

Државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи Дамјан Јовиќ изјави дека државата има обврска да се грижи за своите граѓани во сите околности, поради што бил организиран евакуацискиот лет за луѓето кои се нашле во воената зона.

Тој нагласи дека, иако станува збор за хуманитарна операција, со оваа акција Србија испраќа порака за солидарност и соработка со соседните држави, бидејќи во евакуацијата биле вклучени и нивни граѓани.

Евакуацијата била организирана така што луѓето прво биле извлечени од Израел и пренесени до Египет, а потоа со авион биле транспортирани во Белград.

Министерството за надворешни работи на Србија најави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата на Блискиот Исток и, доколку е потребно, ќе организира нови евакуации на граѓани од регионот.

Back to top button
Close