Србија планира да се приклучи кон Шенген до крајот на 2027 година, но нема да воведува визи за Руси

Србија планира да се приклучи кон Шенгенскиот простор до крајот на 2027 година, но во моментов не размислува за воведување визи за руските граѓани – изјави за српската редакција на Радио Слободна Европа, Велко Одаловиќ, раководител на новоформираното Координативно тело за влез на Србија во Шенген.

За една земја да стане дел од Шенген, меѓу другото, потребно е целосно да ја усогласи својата визна политика со Европската Унија, што за Србија би значело укинување на безвизниот режим со неколку држави, меѓу кои и Русија.

– Тоа во овој момент не е приоритет, ниту е нешто што го ставаме во преден план. Постепено се движиме кон усогласувањето – рече Одаловиќ.

Тој потсети дека тоа е едно од поранешните барања на Европската комисија, „кога станува збор не само за Русија, туку и за некои други земји“.

– Сигурно нема да го направиме она што го направи Црна Гора, бидејќи очигледно таа веќе добила сигнали кога ќе стане членка на ЕУ – истакна Одаловиќ.

Црна Гора од ноември годинава воведува визи за државјаните на Русија, Турција, Кина, Белорусија и Саудиска Арабија. Официјална Подгорица со тоа ја усогласува својата визна политика со Брисел, а Црна Гора ги има најголемите шанси да стане членка на ЕУ до крајот на деценијава, потсетува Радио Слободна Европа.

– Сите преговарачки поглавја со Европската Унија ќе бидат затворени до крајот на годината – изјави денеска црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ, а пренесе агенцијата МИНА.

Руските државјани можат да престојуваат во Србија без виза до 30 дена, по што мора да поднесат барање за привремен или постојан престој. Голем број Руси се преселија во Србија пред почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година, како и по нејзиниот почеток.

Според податоците на српското Министерство за внатрешни работи, најголем број странски државјани со одобрен престој во Србија на крајот на 2025 година биле токму руските граѓани – околу 62.000 лица.

Back to top button
Close